ПСЖ им се реваншира на „ѓаволите“, ноќ за паметење на Жиру, Барса и Јуве – сигурни (ВИДЕО)

Фудбалерите на ПСЖ максимално ја закомплицираа ситуацијата во групата Х од Лигата на шампионите (ЛШ), откако како гости му се реваншираа на Манечстер Јунајтед (3-1) за октомврискиот пораз во Париз.

Сега двата тима се изедначени со по девет бода, колку што има и Лајпциг, што значи дека ќе се води пеколна борба во последното коло. Французите дефинитивно се во најдобра позиција, со оглед што играат со веќе сигурно последнопласираниот Башекшехир и со победа ќе бидат сигурно за втората фаза, додека „ѓаволите“ ќе му гостуваат на германскиот тим, каде што и реми ќе им врши работа. Нејмар двапати и Маркињос беа стрелци на головите за ПСЖ, а Рашфорд за Јунајтед, кој последните 20 минути ги одигра со фудбалер помалку по двата жолти картони на Фред.

Ноќ за паметење за Оливие Жиру во убедливиот триумф на Челси кај Севилја (4-0), со оглед што ги постигна сите погодоци за својот тим. Французинот стрелаше во 8., 54., 74. и 83. минута од пенал, за историско остварување со кое влезе во друштво на Меси, Роналдо, Левандовски... Англичаните со оваа победа го осигураа првото место во групата Е.

По вечерашното реми помеѓу Борусија Дортмунд и Лацио (1-1) последното коло ќе донесе драма и во групата Ф, со оглед што овие два тима имаат 10 односно девет бодови, а Бриж по триумфот над Зенит (3-0) дојде до седум бодови.

Барселона без Меси и неколку други првотимци лесно како гостин го совлада Ференцварош (3-0), а сигурен беше и Јувентус против Динамо Киев (3-0). Стрелец на вториот гол за „бјанконерите“ беше Кристијано Роналдо, за кого тоа беше 750. погодок во кариерата.