Првите детали за повредата ги соопшти - самиот Роналдо!

Португалскиот фудбалски ас Кристијано Роналдо излезе по триесет минути игра од натпреварот со Србија од квалификациите за ЕВРО 2020, откако при еден спринт почувствува повреда на бутниот мускул.

Веднаш побара да биде заменет иако лекарите на португалската репрезентација се обидоа да му помогнат. Целата таа слика ги загрижи португалските фанови, но и навивачите на Јувентус, кој без Роналдо како да нема половина тим.

По мечот за португалските медиуми самиот фудбалер ја коментираше повредата, која во второто полувреме не го спречи да се буни при спорниот момент кога на неговата селекција не ѝ беше досуден чист пенал.

„Повредата не ме загрижува, си го знам моето тело и секој мускул на него. Нормално е некогаш да се случи нешто вакво, сепак распоредот е пеколен. Но, ова е фудбал... има една изрека - „луѓето кои одат кога врне, мора да се наводенат“. Јас сум комплетно смирен зашто знам дека ќе се вратам на терените за најдоцна 15 дена“, изјавил Роналдо.