Првата битка добиена: Чеферин го откажал клучниот состанок за реформите во ЛШ!

Клучниот состанок кој идниот месец требаше да се одржи во Нион околу најавените реформи во Лигата на шампионите, иницирани од Клупската асоцијација (ЕКА) и Европската фудбалска унија (УЕФА) нема да се одржи, откако претседателот на европската централа Александер Чеферин го откажал состанокот со главните фигури во европскиот фудбал.

Голема прашина се кренаа најавите за реформите во ЛШ, со што европското елитно натпреварување практично се затвора, ставајќи ги националните првенства во подредена улога според најавените реформи. Во план беше екипите, т.е. Гигантите и богаташите да имаат загарантирано учество без оглед на пласманот во националните првенства, а мечевите да се играат преку викенд, плус и да се играат повеќе мечеви од досега (наместо осум групи по четири тима, четири групи по осум тима во првата фаза).

Сепак, првата битка по бурните негодувања од националните лиги претставени преку здружението на европски професионални првенства (ЕПФЛ), вродија со плод и првата битка ја добија. УЕФА го откажа закажаниот состанок за 11 септември за време на паузата поради квалификациите за Евро 2020 кој требало да се одржи помеѓу Чеферин како прв човек на УЕФА, Андреа Ањели, првиот човек на Јувентус и на ЕКА и Ларс Кирстер Олсон, првиот човек на ЕПФЛ.

„На почетокот на јуни закажав заеднички состанок на организациите кои се клучни за европскиот фудбал, заедно со членовите на Извршниот комитет. Состанокот беше закажан за 11 септември за да продискутираме за тоа што на стартот на годинава го започнавме околу иднината на европскиот клупски фудбал. Јас се решив да го одложам тој состанок и ќе испратам нова покана кога ќе сметам дека е најпогодно за да имаме разговори и дискусии за оваа тема. Во моментов сме во процес на прибирање на мислења од националните асоцијации, па поради тоа сакаме да ги слушнеме сите мислења и да го видиме фидбекот од различните страни, пред да седнеме во завршни преговори“,им напишал Чеферин на Ањели и Олсон.

Останува да се види што и како понатака, зашто најсилните европски лиги застанаа против првично најавените реформи. Пред се Премиерлигата, Ла Лига, Бундеслигата и Серија А, кои и најмногу може да загубат ако ги прифатат тие реформи. Нема да биде изненадување ако се изнајдат компромисни решенија, а прво ќе треба и да се усогласи новиот календар за натпревари со ФИФА од 2024 година, за кога се планирани и реформите во ЛШ. Сепак, тешко за верување е дека ЛШ ќе остане (под)отворена како досега и веројатно малите клубови од т.т. „сиромашни земји“ ќе мора да се задоволат со настапи во другите две натпреварувања (третото стартува од 2021 година како Лига Европа 2“), додека елитното би останало како друштво на најбогатите.

„Како што знаете УЕФА започна да го разгледува проектот за клупските натпреварувања во периодото 2024-27, а сооглед дека до тогаш има доволно време, нема потреба да се брза. Не треба да очекуваме дека ќе најдеме решение до крајот на годината“, објавил Чеферин.

Трпение побарал и Ањели, кој застанал зад ставот дека сите клубови ги поддржуваат реформите и дека се во интерес на сите.

„Ние ги немаме сите одговори, а овој процес е долг, ќе требаат месеци. Но, го имаме сето време пред нас. Клубовите ја видоа нашата визија, дознаа за што се дебатира и ние сме отворени за чесен процес – отворен и консултативен“, додал Ањели.