Промени за Евро 2021: Севилја наместо Билбао, а Манчестер на местото на Даблин?

Два града од првично избраните 12 домаќини на претстојното Европско првенство летово нема да бидат организатори, па други два града ќе влетаат на нивно место, најавија европските медиуми во пресрет на Извршниот комитет на УЕФА во понеделник (19 април) и пред Конгресот на европската централа ден подоцна (20 април).

Станува збор за Билбао и Даблин, кои не може да гарантираат присуство на публика на мечевите од Евро 2021 што ќе ги организираат, зашто тамошните државни и здравствени власти не дозволуваат такво собирање во ек на глобалната пандемија со коронавирус, па сега според последните најави, Севилја ќе ја замени баскиската престолнина, а Манчестер ќе ги добие мечевите од ирската престолнина.

Овие два града заедно со Рим и Минхен не дадоа гаранции во првичниот рок до 7 април, па УЕФА им даде дополнителни две недели, по што Рим и Минхен објавија дека ќе дозволат 25 отсто од капацитетот, ама тешко за Даблин и Билбао.

Шпанската федерација на УЕФА ѝ ја понудила Севилја како алтернатива за Билбао, ако во Нион се решат да ги исклучат Баскијците од организацијата, зашто локалните власти пред неколку дена објавија дека со зголемувањето на инциденцата на заразени со над 350 на 100.000 жители, невозможно е да дадат гаранции за публика, а со тоа да го загрозат животот на своите жители.

Слично е и со Даблин, па Манчестер веќе од поодамна се посочува како прв фаворит, а во игра беше и лондонскиот „Вајт Харт Лејн“, па многу извесно е дека ќе има промени во градовите домаќини, но распоредот нема да претрпи измени од првичниот план.

Сепак, краен збор ќе има УЕФА во вторник кога ќе треба да ги соопшти сите детали за престојниот континентален шампионат на кој ќе дебитира Македонија.