„Предноста од првиот меч не гарантира ништо – одиме и вторпат по победа со Номе Калју“

Македонскиот шампион Шкендија со предност од 1-0 од првиот меч во Естонија, утре од 17 часот на Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје ќе брка втора победа за да го завери пласманот во второто коло и пресметката со шкотскиот великан Селтик во квалификациите за Лигата на шампионите.

Шкендија на првиот меч покажа дека е подобар од Номе Калју и сега тоа ќе треба да го потврди, а тренерот Ќатип Османи најави дека веќе извесно е дека истиот тим што победи на првиот меч, ќе го почне и утрешниот реванш.

„Утре не очекува реваншот со естонски Номе Калју и неделава ги анализиравме грешките што ги направивме. Оптимисти сме и очекуваме утре да поминеме во второто коло. Го имаме тој резултат од 1-0 од првиот меч, но ништо не гарантира тоа. Фудбалот многупати покажал дека знае да донесе изненадување и сега овој меч мора максимално сериозно да го сфатиме. Составот ќе го знам вечерва после тренингот, ама како што стојат работите веројатно е дека 99 отсто ќе биде ист како и на првиот меч. Јас пред првиот меч реков дека цел е да дадеме гол и да победиме и таа цел ја остваривме и сега утре мора да атакуваме на победа. Овој резултат од првиот меч ни дозволува тактизирање, но не мора да биде пресуден“, вели Османи.

Капитенот на Шкендија, Арменд Алими посочи дека очекува од неговите соиграчи да бидат подобри во реваншот, но и во следните мечеви, зашто секогаш првиот дуел е најтежок.

„Нѐ очекува реваншот со Номе Калју, имаме добар резултат, но не значи дека сѐ е завршено. Има уште 90 минути на кои мора да одиграме барем исто како во првите 90 минути. Знаеме дека доминиравме на првиот меч, имавме посед, добри шанси, ама ни фалеше реализација. Првите мечеви се тешки, но со тек на времето очекувам да бидеме во уште подобра форма и веќе утре да се поправиме на тој план на реализацијата. Шансите се на наша страна да го минеме овој круг, ама сѐ ќе биде џабе ако не успееме да победиме или да одиграме барем реми“, посочи Алими.