Последна шанса за Вардар: Историскиот настап во Лига Европа да не заврши срамно!

Вардар дојде до последниот чин во својот дебитантски настап на големата сцена. Норвешки Розенборг е последниот противник, вечерва на Националната Арена „Филип Втори“ (21.05 часот), последна шанса во овие завршни час и половина за црвено-црните да стигнат до бодови и со тоа да избегнат срамен настап во својата прва сезона во Лига Европа.

По пет нули и гол-разлика 2-19, надополнети со лоши игри и голема негатива во однос на конкурентот Шкендија за шампонската титула, вардарци вечерва мора да најдат сила и ментална стабилност за барем еднаш да ги израдуваат навивачите и македонската јавност. Розенборг не е калибар на Зенит и Реал Сосиедад, но е доволно силен и тежок противник, кој сепак не е непобедлив. Затоа и пред Вардар е последната, но и најголема шанса за да запише бодови и со тоа да не влезе во историјата на Лига Европа како најслаб учесник во историјата на ова натпреварување.

Пораз со примени два гола би значело дека Вардар би бил најслабиот учесник во второто по ранг натпреварување. Само четири тима досега не успеале да освојат бод во историјата (Шамрок, Габала, Слован Братислава и Металист Харков), а само еден примил 20 голови во една есенска сезона во групната фаза (Слован Братислава). Вардар по пет кола нема бод, а прими досега 19 погодоци. Сето ова треба да биде мотив повеќе, конечно од црвено-црниот табор да го видиме најдобриот меч на европската сцена, а победата на јубилејниот 70-ти меч на меѓународна сцена да се памети како еден од најголемите и најзначајните триумфи во клупската седум децениска историја.

„Ова е наш последен меч во Лигра Европа и видовме сите што значи да се игра во оваа натпреварување. Сакаме да ги освоиме првите бодови, а освен собирање на искуство, мораме да гледаме и на резултатски план. Досега не минавме добро и сега ја имаме последната шанса да дојдеме до тие посакувани бодови. Со добар пристап, организациски пред се, тактички, со желба и знаење и со верба во своите квалитети, пред наша публика да одиграме на ниво. Овие сегменти мора да ги имаме ако сакаме да стигнеме до бодовите. Во првите два меча дома пред наша публика не ги одигравме на добро ниво, тие порази болат и денеска, но сето тоа е минато“, вели вардаровиот кормилар Чедомир Јаневски.

Розенборг го победи Вардар со 3-1 во Трондхајм, во меч на кој црвено-црните не одиграа лошо, имаа свои шанси, дирек по само 120 секунди игра, неколку зицери, но далеку поискусните Норвежани со максимална реализација стигнаа до победата. Сега, на ред е Вардар да му врати на Розенборг, кој и нема добра традиција на гостувања во групна фаза во последните пет години, па со максимална концентрација да ги искористи можностите за да победи и да докаже конечно дека не залутал во друштво на гиганти, кои во однос на црвено-црните имаат далеку поголеми буџети.