Почнува разврската за осминафинале: Пет гиганти вечерва бркаат пролет во ЛШ!

Пет европски литни клубови, меѓу нив и европскиот бранител на тронот Реал Мадрид вечерва ќе се борат за победи со кои би го завериле пласманот во осминафиналето во мултимилионската Лига на шампионите, чие претпоследно коло по групи стартува попладнево со два меча од 18 часот.

Убедливо највозбудливо е во групите Е и Г, каде е густо, па бодовите денеска во четирите меча ќе решаваат за три патниците од овие две групи. Реал Мадрид, Порто, Шахтер, Ливерпул и Севилја денеска ќе се борат за место во пролетните елиминации.

Поранешниот освојувач на Лига Европа, Севилја е домаќин на петкратниот европски првак Ливерпул, па од овој меч зависи и руска Спартак Москва, која против веќе испаднатиот Марибор ќе чека шанса за битка за осминафиналето.

Математиката за групата Е вели, Ливерпул со победа или најмалку реми, но и Спартак да не го победи словенечкиот првак ќе ги однесе „црвените“ во осминафинале. Од друга страна, Севилја само победа ја носи во пролетните елиминации, а Спартак мора да победи за да ги одржи живи шансите во последната рунда да се бори за место меѓу најдобрите 16.

Во групата Г, Бешикташ е веќе пласиран, а Порто засега е на пол-позиција за второто место во осминафинале и бившиот европски првак таму го води само победа, но и неуспех на Лајпциг во Монте Карло. Теоретски шанси има и Монако, а на „кнезовите“ им треба само триумф за да останат во живот најмалку за место во Лига Европа (трет во групата). Лајпциг, пак, кој е трет во моментов мора да победи за да ги задржи шансите за понатаму, што сето ова значи дека се очекуваат жестоки 90 минути на двата меча.

Актуелниот лидер во англиската Премиерлига, Манчестер сити е веќе пласиран и „граѓаните“ сега против Феенорд ќе бркаат најмалку бод за прво место. Еден бод му треба и на Шахтер за да оди понатаму. Италијански Наполи од друга страна, за да направи чудо ќе кора да ги победи Украинците во едно од дербијата на колото, но со победа со која би биле подобри во меѓусебниот дуел (загубија на гости со 0-2), но потоа и пораз на Шахтер во последното коло.

Во последната група, Тотнем е веќе пласиран и бод од Дортмунд ќе им донесе прво место, додека Реал Мадрид мора да победи во Никозија за да обезбеди осминафинале. Во најтешка ситуација се германските „милионери“, кои за пласман меѓу 16 освен што треба да го победат лондонскиот премиерлигаш, потребен им е кикс на мадриѓаните, за во последното коло да решаваат за осминафинале.

ГРУПА Е

Спартак М. - Марибор (18 часот), Севилја – Ливерпул

ТАБЕЛА: Ливерпул 8, Севилја 7, Спартак 5, Марибор 1

ГРУПА Ф

Манчестер сити – Феенорд, Наполи -Шахтер

ТАБЕЛА: Манчестер с. 12, Шахтер 9, Наполи 3, Феенорд 0

ГРУПА Г

Бешикташ – Порто (18 часот), Монако – Лајпциг

ТАБЕЛА: Бешикташ 10, Порто 6, Лајпциг 4, Монако 2

ГРУПА Х

АПОЕЛ – Реал Мадрид, Борусија Дортмунд – Тотнем

ТАЕБЛА: Тотнем 10, Реал Мадрид 7, Борусија Д. 2, АПЕОЛ 2.