Патрисио: Оваа победа не ни обезбеди трето коло, нѐ чека потежок меч во реваншот!

Тренерот на луксембуршки Дуделанж, Емилио Фереира Патрисио изјави дека е среќен за победата со пресврт со 2-1 против Шкендија денеска во Скопје во првиот меч од второто коло во квалификациите за Лига Европа, но посочи дека работата не е завршена со оваа победа.

Патрисио после триумфот потенцираше дека очекува уште потежок меч од овој денеска, на реваншот идната недела, зашто Шкендија е одличен тим.

„Пред секој меч секогаш очекувате најдобро сценарио, но кога имате силен противник, ваков резултат е одличен за нас. После негативата во првиот дел, добро реагиравме во вториот и морам да кажам дека сме среќни со резултатот. Апсолутно овој резултат не не носи во трето коло. Очекувам потежок меч во реваншот. Јас и пред мечот реков дека очекувам убав меч, со акции, шанси зашто играат два тима кои сакаат да играат фудбал, да креираат шанси“, рече Патрисио.