Падна договор за крупните реформи - Супер ЛШ ќе биде промовирана задутре!

Најголемата реформа во европскиот фудбал, проширувањето на Лигата на шампионите во Суперлига на шампиони за да се спречи приватна Суперлига на богаташите и дефинитивно во понеделник ќе биде промовирана и одобрена на Извршниот комитет на Европската фудбалска унија (УЕФА), објави угледниот англиски весник „Телеграф“.

После две години разговори за реформите кои треба да стартуваат од сезоната 2024/25 и со едно одложување околу сопственичкиот удел, УЕФА попушти под заканите на гигантите, па новата ЛШ ќе брои 36 екипи, во неа ќе играат и тимови поради добар рејтинг од минатото, а клубовите ќе имаат 49 отсто од сопственоста и глас околу големите приходи што ќе ги генерира натпреварувањето, зашто за нови 100 меча ќе се зголеми календарот.

Наместо досегашните 125 меча во сезоната, групна фаза со по шест меча за секој тим, за три години, СуперЛШ ќе се игра по „швајцарски систем“ со една голобална група и по десет тима за секој учесник, а најдобрите осум директно ќе одат во осминафнале, додека останатите осум ќе бидат познати после баражи на тимовите пласирани од 9-то до 24-то место на генералниот ранкинг.

Тоа што е новитет е распределбата на четирите дополнителни места, па така едно е резервирано плус за петопласираната земја на ранг-листата на УЕФА, едно е резервирано за националниот шампион со најдобар рејтинг од земја под 13-та позиција, кој нема директен пласман, додека две места се загарантирани за гиганти кои ќе обезбедат настап во Европа, но не во ЛШ, ама поради историскиот ранкинг ќе добијат право да играат: Ова пред сѐ се однесува на премиерлигашите, кои имаат најдобар рејтинг, а сите шест гиганти не може да учествуваат во елитното друштво. Ова би значело дека Ливерпул или Арсенал како седмопласирани во Премиерлигата би добиле право да играат во ЛШ.

Првпат во историјата УЕФА нема да го има монополот во европскиот фудбал, па СуперЛШ ќе остане со мнозински пакет на сопственост на европската централа, ама сега 49 отсто ќе имаат клубовите преку своето здружение ЕКА (Европска клупска асоцијација). Ова беше каменот на сопнување, што пред 16 дена не беше промовирана реформата, па сега според информациите на „Телеграф“, а во од ќе се решаваат „комерцијалните аранжмани“ со цел да не се стави во ќорсокак комплетната реформа.

Засега не се планира реформа на квалификацискиот систем, барем нема такви најави, што значи дека тој за останатите шампиони меѓу кои и македонскиот првак во иднина останува (пре)трнлив патот за да се стигне до место во елитното друштво, ама за детали ќе треба да се сочека понеделник кога УЕФА ќе ја презентира комплетната реформа, а во вторник на Конгресот само протоколарно ќе се изгласа.

Според многу финансиски експерти и стручњаци, УЕФА со ова ќе има уште поголеми приходи од актуелните три милијарди евра кои годишно ги дистрибуира на клубовите, па за очекување е дека премиите од УЕФА уште повеќе ќе пораснат, ама тоа во суштина ќе биде истото сценарио, богатите да станат побогати, а сиромашните да се борат за трошки.

Оваа реформа треба да биде само шлагот, откако сѐ позатворената елита за моќниците, ја најави отворањето на Конференциската лига во која од летово ќе играат македонските екипи освен првакот, а Лига Европа, како второ натпреварување ќе стане „втора лига на богаташите“, во која многу тешко ќе се влегува од помалите земји, а само националните шампиони и тоа ако минат една рунда во квалификациите за ЛШ, би добиле шанса таму да играат.

Против овие реформи се 17 навивачки групи кои веќе пратија писмо до првиот човек на ЕКА, Андреа Ањели, газдата на Јувентус, меѓу кои потписници се и навивачите на Манчестер јунајтед, Арсенал, ПСЖ, Реал Мадрид, Арсенал, Ајак, Баерн Минхен, Атлетико Мадрид, Бенфика, Борусија Дортмунд, Андерлехт, Копенхаген, Фенербахче, Јанг Бојс, Лион. Сите тие посочуваат дека ваквата реформа со зголемен број на мечеви, влегување врз база на историски успеси итн, е сериозна закана за целиот фудбал, по што наместо да се намали јазот на богати и сиромашни, уште повеќе ќе се зголеми, ќе донесе промени во домашните календари, а навивачите ќе бидат ставени на дополнителни трошоци.