„Орлите“ ја прелетаа Москва: Бенфика веќе исчекори кон пласманот во плејофот за ЛШ!

Португалскиот гигант Бенфика уште по првиот меч веќе има плејоф во квалификациите за пласман во Лигата на шампионите, откако вечерва „орлите“ ја победнички ја прелетаа Москва и со победата со 2-0 против Спартак практично го направија крупниот исчекор кон последниот филтер за место во европската елита.

И пред мечот беше јасно дека Бенфика е апсолутен фаворит, посебно откако лани се посрамотеа со елиминацијата од солунски ПАОК, па со два гола во второто полувреме, Португалците дојдоа до голема победа после која безмалку невозможно е да испуштат пласман во завршната фаза од квалификациите.

Рафа Силва по шест минути во вториот дел на асистенција на Жоао Марио донесе водство, а Жилберто на 16 минути пред крајот ја дуплираше предноста и практично ја запечати победата на асистенција на Лукас Верисимо, по што за една недела лисабонските „орли“ ќе треба само формално да удрат печат на пласманот во плејофот на домашен терен.