Официјално: Македонија ќе брка место на СП со помош на ВАР од септември!

Видео-технологијата (ВАР) ќе дојде повторно во Македонија за продолжението на мундијалските квалификации, откако УЕФА и официјално денеска објави користење на технологијата која требаше да почне од март годинава со стартот на циклусот, но поради логистички проблеми поради пандемијата со ковид-19 не беше задолжително воведена.

Македонија во септември ја чекаат три меча со Ерменија и Романија дома, а со Исланд на гости во продолжението на циклусот, по што ќе останат по два меча во октомври и ноември во битката за места на Мундијалот во Катар догодина.

Ова нема да биде првпат во Македонија да има ВАР, зашто новиот систем за помош на судиите се користеше на полуфиналниот плејоф меч со Косово во битката за место на Еуро 2020 преку Лигата на нации.