Нула од Вардар во Ереван: Црвено-црните ништо не одиграа и загубија со смешен гол!

Македонскиот вицепрвак Вардар со пораз ја започна новата летна авантура во квалификациите за Лига Европа, откако попладнево загуби од ерменски Пјуник на гостувањето во Ереван со 0-1, па црвено-црните ќе мора да бидат многу подобри за една недела во Скопје, ако сакаат да поминат во второто коло и да не доживеат вистинска катастрофа.

Имаа вардарци голема желба со добар резултат да се вратат од Ереван, најавија офанзивна игра, но црвено-црните денеска одиграа под секој можен просек, па практично да не направија ни една сериозна шанса за 90 минути, а од друга страна примија смешен гол со кој Пјуник со предност сега ќе дојде во Скопје. Несигурна одбрана, тотална дезорганизација, безидеен среден ред и тивок напад беше сликата на црвено-црните на својот прв меч во оваа сезона. Ништо подобри не беа ни Ерменците, ама едната полушанса ја претворија во гол и успеаа да запишат победа против ланскиот учесник во групите во Лига Европа, иако во воведот од мечот имаа две добри шанси, кои Гачевски успеа да ги одбрани.

Ерменците од никаде ја погодија мрежата, затоа што на истекот на 28-та минута Петрос Аветисјан од 20 метри се обиде да шутне, но тој удар беше премлак, но го погоди Мохамед Конате и го смени правецот, па веќе испружениот на земја Филип Гачевски само ја проследи топката во мрежата.

По тој гол Вардар навидум се обиде да нападне, но се беше јалово и без идеја, а единствената сериозна шанса која можеше да донесе гол ја упропасти вардаровиот Ерменец, Тигран Барсегјан, кој си направи простор во шеснаесетникот за шут, ама наместо да биде се обиде да дрибла и да глуми пенал, по што заработи само жолт картон.

ФОТО: ФК Вардар