Новиот план на УЕФА: Лигите да завршат до 3 август, а потоа ЛШ со – фајнлфор?

Европската фудбалска унија (УЕФА) завшера одложи сè по вторпат поради пандемијата со коронавирус, но овојпат не се излета да објави нови датуми како крајни рокови за завршување на сезоната, зашто развојот на ситуацијата на Стариот контиинент во битката со кризата тоа не им го дозволува.

Но, начелно УЕФА го има комплетниот план, како да се заврши и да започне новата сезона, но под услов во следниве два месеци навистина да се смири целокупната ситуација со коронавирусот и да се создадат безбедни услови за да се продолжи со фудбал. Тоа што е сигурно е дека репрезентативни мечеви ќе нема најмалку до септември, меѓу нив и историскиот бараж Македонија – Косово за пласман на Евро 2020, но засега УЕФА нема одлучено конкретен датум и за тоа дали ќе се игра во септември на сметка на стартот на второто издание на Лигата на нации допрва ќе се произнесе.

Прва цел на УЕФА со одложувањето на сите мечеви за репрезентации, како и на сите клупски мечеви е да се направи простор да се завршат националните првенства, а тоа значи дека рокот 30 јуни не важи, туку сезоната ќе се пролонгира и за цел јули најмалку. Според последните информации, провизорниот календар на УЕФА е лигите да завршат до 3 август, а потоа забрзано да се одиграат европските мечеви од Лигата на шампионите и Лига Европа во тој месец. Тоа би значело дека првенствата би продолжиле во јуни, а во зависност од стартот, би ги вкомпонирале мечевите во календарот за забрзано да се одиграат шампионатите.

Според планот, кој бил и презентиран, УЕФА има најоптимистичко сценарио да се почне со фудбал на 20 мај, иако најреално е првенствата да продолжат во јуни. И сите тие би се одиграле до 3 август, освен во Белгија, која веќе ја прекина лигата и го круниса Клуб Бриж за шампион.

После завршување на првенствата, би следело доигрувањето на осминафиналињата во ЛШ и Лига Европа, а потоа во забрзан ритам за една недела и четвртфиналињата, а финишот би бил – фајнлфор. Четирите најдобри тимови би играле во Истанбул (ЛШ) и Гдањск (ЛЕ) за да се добие европскиот првак, но местата на одигрување засега висат во воздух, па може и да бидат променети, ако ситуацијата со коронавирусот е поопасна, па би се избрале места каде ризикот е најмал, а страшната епидемија веќе помината.

Практично УЕФА планира во нешто повеќе од две недели да го добие европскиот првак и победникот од Лига Европа, а со веќе завршените првенства да се комплетира списокот на сите европски екипи, кои ќе имаат обезбеден пласман во ЛШ и ЛЕ, а останатите би тргнале во квалификации по само 15 дена од финалето. Тоа би било некаде на почетокот на септември и би завршиле за месец ипол, а наводно УЕФА е подготвена и да го откаже Суперкупот кој во оваа година треба(ше) да се одржи во Порто.

Ако квалификациите тргнат во септември, низ четири рунди без прекин во нешто повеќе од еден месец би се завршило со комплетирањето на учесниците и новата европска сезона би почнала на 21 октомври, термин кој веќе се најде како најреален за почеток, што би било еден месец подоцна од традиционалниот почеток во средината на септември.

Веројатно, во некои најави од Нион, националните лиги исто така експресно би почнале во новата сезона, со скоро само еден месец пауза, па во случајот за Македонија, под претпоставка дека сезоната би завршила на 3 август, а европската сезона би почнала во септември, паралелно би се играле мечевите од квалификациите со воведните кола од Првата лига, која исто така би почнала во септември.

Со ваков план, прашање е дали баражите би се играле во септември, зашто тешко е за очекување дека фудбалерите без да тргнат во сезоната би дошле да играат баражи за Евро 2020, а засега и нема одлука за веќе извесното „суспендирање“ на втората сезона од Лигата на нации, за која на почетокот на март се влечеше ждрепка за групите во Амстердам.

Сепак, целиот овој провизорен календар и понатаму останува само на хартија, зашто и во УЕФА се свесни дека додека не добијат „зелено светло“ дека може да се игра фудбал, од Светската здравствена организација (СЗО), а посебно од здравствените власти на секоја земја поединечно во координација со националните федерации, овој провизорен план може да падне во вода, па да треба поинаков пристап.

Засега, кај сите во фудбалското семејство е надежта дека ситуацијата до крајот на месецов ќе се стабилизира и дека потоа ќе може полека да се планира, а од јуни да се рестартира најважната споредна работа на светот.