Новата сезона во ЛШ ќе почне на 21 октомври?

Откако УЕФА практично расчисти сè во календарот за да се доиграат националните првенства во следниот период и тоа летово, поради пандемијата со коронавирус, новата сезона 2020/21 ќе почне со добро закаснување, а веќе еден термин за старт на најпрестижното натпреварување Лигата на шампионите наводно е познат.

Актуелната сезона која треба да се доигра е поместена за јули и август, а новата сезона би требало да почне на 21 октомври. Овој термин наводно е веќе избран како најпогоден, што би значело старт на сезоната за еден месец подоцна од традиционалниот почеток, кој е секојпат во втората половина од септември.

Засега нема потврда за ова од УЕФА, но многу угледни медиуми денеска го објавија датумот, кој практично е врзан со серијата поместувања поради пандемијата. УЕФА вторпат ги одложи баражите за Евро 2020, сега за септември годинава, а за очекување е дека во новата сезона нема да има зимска пауза, ама и дека Лигата на нации и нејзината втора сезона ќе се укине за да се направи простор за термини. Некои земји дури најавија дека ќе ги укинат куп-мечевите.

Продолжувањето на оваа сезона направи проблем и за следната, зашто таа освен што ќе почне со задоцнување, практично ќе мора да заврши до мај за да се отвори еден месец простор пред стартот на презакажаното Евро 2020.