Новата ЛШ ќе почне во 2024, а националните лиги ќе се скратат!

Ако воопшто имало дилеми дека реформите во Лигата на шампионите може да се одложат или спречат, повеќе речиси и да ги нема, откако првиот човек на Јувентус, Андреа Ањели во реизборот за претседател на европското клупско здружение (ЕКА) објави дека од сезоната 2024/25 година ќе почне реформираното мултимилионско натпреварување.

Ањели во својот реизбор на генералното Собрание на ЕКА во Женева и понатаму инсистира на реформите во ЛШ со кои 24 места од вкупно 32 ќе бидат резервирани за најголемите клубови и богаташите, а останатите ќе се пополнуваат, проект кој сега е во финална фаза на разработка и според најавите се очекува до декември да се постигне договор.

Веќе е познато дека ЛШ ќе се игра по 2024 година по нов формат со четири групи по осум тима, дека најслабите ќе испаднат, а дека места во следната сезона ќе добијат полуфиналистите од Лига Европа, додека најдобрите ќе си го задржат учеството. ЛШ, практично би добила станала еден вид на првенство, налик на европска Суперлига, а за сето ова се спротивставуваат најголемите европски лиги.

И тоа што Ањели меѓудругото го најави е фактот дека за 2024 година ќе се ревидира календарот за мечеви, што е втор момент во кој треба да се отвори простор за повеќе мечеви во ЛШ, а патем и националните првенства да го намалат својот број на учесници во најсилните лиги со цел календарот да биде избалансиран.

„Предлогот е на маса и е во интерес на сите. И тоа е добар предлог“, вели Ањели. „Сите се вклучени во процесот за реформи“, додава тој.

Според најавите на Ањели, ЛШ останува на 32 тима, Лига Европа ќе се намали од 48 на 32 тима, но затоа „третолигашкото“ ново натпреварување, кое сега е познато како Лига Европа 2 би имало 64 учесници, што би значело дека се отвора простор за македонска екипа да биде дел од есенскиот дел во групната фаза, што за малите земји од финансиска гледна точка секако би било еден вид утеха, но од натпреварувачка, тие тешко деа би имале шанса да стигнат до пресметки со најголемите и најпопуларни клубови на светот.