Николов: Ова што ни се случува ќе не направи посилни, со Розенборг одиме на историска победа!

Шампионската титула полека станува недостижна за Вардар, битката за трофејот на Купот за две недели ќе се решава во „свињарникот“ на Чаир, а Розенборг доаѓа во најлош можен момент пред самиот крај на есенската сезона во која Вардар мора да освои бодови за да не се посрами на дебито во големото друштво, а патем повторно да ја врати победничката самодоверба пред завршните три меча во оваа полусезона.

Бобан Николов е еден од фудбалерите кои буквално „не видоа ден одмор“ во оваа 2017 година, во која репрезентативецот играше на Евро 2017 во Полска, потоа за сениорската репрезентација, практично од турнир продолжи со подготовките со Вардар, па ги играше квалификациите (два гола) и сега најслаткото – Лигата на Европа. Но, по пет меча, Вардар има пет порази и на ред е последниот чин – Розенборг.

„Мислам дека со максимална концентрација и добра игра може да стигнеме до трите бода. Розенборг не е ни малку лош противник. Ние таму (Трондхајм – н.з.) игравме добро и несреќно загубивме, имавме иницијатива, а тие даваа голови и победија. Сега се надевам дека ќе биде спротивнното. Зошто да не ги победиме? Да ги освоиме првите историски бодови за Вардар и за Македонија. Оваа македонска јавност заслужува да гледа добар фудбал. Ние сами знаевме дека ако се пласираме во Европа не чека тешка сезона. Имавме еден мал пад, но сега нема да се предадеме. Не е Шкендија толку силна, колку што Вардар е паднат од форма. Мислам, сега играме добро, а мечот со Шкупи треба што побрзо да го заборавиме, бидејќи тоа не беше фудбал, туку беше – некоја борба! Тоа е македонскиот фудбал, разочарани сме од тоа што го видовме, мислам дека требаше да се прекине мечот. Таму ниту еден играч не може да ги покаже квалитетите“, вели Николов.

Јавноста очекуваше барем некој бод, но по пет кола, Вардар стои на нула и секој неуспех утревечер ќе значи дека црвено-црните ќе бидат меѓу петте тима со најлош учинок во една сезона во историјата на ова натпреварување.

„Можевме многу повеќе да покажеме, но истуството си го прави своето. Првпат играме во историјата во Европа, многу е тешко да се игра на три фронта. Ние немаме пауза, јас и уште 6-7 соиграчи од јануари сме немале пауза. Но, не сакам да се жалиме и да плачеме, тоа е што е, а ние ќе се соочиме со ова и мислам дека ова што се случува сега ќе не направи многу посилни“, додава Николов.

Поразот од Шкупи е голем удар врз тимот, пораз во нехумани услови за игра, а Николов потенцира дека сите сега треба да соберат сила за против Розенборг да се покаже вистинското лице.

„Многу влијание имаат овие порази. Ние сме Вардар, приситокот е секогаш на наша страна. Кога губиме сите не критикуваат, кога победуваме не бодрат, тоа е така во фудбалот... Тешко е, никој не сака да губи, но ние сме Вардар и како што губиме, сега да се собереме сите и да победиме се до крај, почнувајчи од мечот со Розенборг', вели Николов.

Соиграчот на Николов и од младата селекција и од А-репрезентацијата, Висар Муслиу исто така оптимистички гледа на пресметката со Норвежаните во која Вардар ќе ги брка првите бодови.

„Розенборг е тежок предизвик, но ние имаме квалитет и екипа за да се носиме со нив и јас се надевам дека ќе имаме добар резултат од тој меч. Тие играат скандинавски фудбал, со многу сила, со долги топки, но ние имаме такви играчи кои може со тоа да се носат, имаме и искуство во екипата за такви мечеви. Затоа се надевам дека ќе ги освоиме првите бодови во Лига Европа. Добро е што играме во групите, но резултатите не ја покажуват реалноста како ние одигравме досега. Сето ова е искуство за следните години, пак да се пласираме и да имаме многу подобри резултати“, вели младиот дефанзивец Муслиу.