(Не)возможна мисија за Николов: МОЛ Види да го победи Челси, ама ПАОК да им помогне!

Македонија сигурно ќе има тројца репрезентативци во пролетните елиминации во Лига Европа, но вечерва постои шанса за уште еден играч да им се придружи на Аријан Адеми (Динамо Загреб), Елиф Елмас (Фенербахче) и Стефан Ристовски (Спортинг Лисабон), а тоа е Бобан Николов со МОЛ Види, иако бившиот вардарец со унгарскиот тим ќе има – невозможна мисија за пласман.

Николов со шампионот на Унгарија го пречекува (18.55 часот) англискиот великан Челси, бивш европски првак од 2012 година. „Сините“ доаѓаат со одамна обезбеден пласман, па тоа што резултатски не им значи ништо овој меч, оставаат можност МОЛ Види и Николов со голема победа да стиграт до шеснаестинафиналето. Но, дури и да го победат Челси, Унгарците ќе мора да го сочекаат и исходот од мечот БАТЕ Борисов – ПАОК, зашто победа на Белорусите ќе значи залуден триумф во Будимпешта.

БАТЕ и МОЛ Види имаат ист број на бодови, по шест, но белорускиот тим има подобар меѓусебен скор, па потребно е солунски ПАОК да одигра за нив – да победи или најмалку да ремизира во Белорусија. Ова значи дека на БАТЕ му треба ист број на бодови што ќе ги освои МОЛ Види за понатамошен пласман, а Николов со својот тим може до пласман и со реми, ако Белорусите загубат од ПАОК. И солунците имаат свои шанси, ако победат и ако Челси триумфира во Унгарија, зошто ќе се направи група од три екипи со по шест бода и тие би биле најдобри, што значи дека грчкиот тим има силни мотиви во Белорусија, па оттаму и шанса за МОЛ Види со добар резултат на крај да слави историски пласман меѓу најдобрите 32 во второто по ранг натпреварување.

Денеска од Лига Европа ќе се збогуваат Иван Тричковски и Даниел Мојсов со АЕК Ларнака на домашен терен со Баер Леверкузен (21 часот), откако кипарскиот тим од поодамна веќе ги загуби шансите за првите две позиции.

Стефан Ристовски веројатно ќе се врати на терен по едно ипол месечната пауза поради повреда во мечот за Спортинг со Карабах, Елмас со Фенербахче ќе игра без притисок во Трнава, зашто турскиот гигант веќе го обезбеди помнатамошниот пласман, а без голем притисок ќе игра и Аријан Адеми со Динамо против Андерлехт во Загреб.

Последната рунда во групите во Лига Европа денеска ќе ги дадат последните 11 екипи кои ќе обезбедат место во пролетните елиминации, а најзаплеткано е во Групата Г, каде четирите екипи ќе се борат за двете места во мечевите Вилајреал (7 бода) – Спартак Москва (5) и Рапид Виена (7) – Глазгов Ренџерс (6), како и во групата И, каде се среќаваат Генк (8) – Спарта Сарпсборг (5) и Бешикташ (7) – Малме (6).

Во групата Ј се борат Краснодар, кој има 12 бода и гостува кај Севилја, која со Стандард Лиеж имаат по девет бода. Милан во директен дуел со Олимпијакос бара место во пролетните елиминации, а битка ќе има и помеѓу Селтик и Лајпциг, кои се домаќини во своите мечеви.