Некоја нова мода: 30.000 деца ќе ја бодрат Романија против Норвешка!

Вечерва на „Националната арена“ во Букурешт, домашната репрезентација Романија ќе има подршка од дури 30.000 деца на дуелот против Норвешка во рамки на квалифиакциите за ЕП 2020 година. 

Домашниот национален тим заработи казна од УЕФА поради непочитувањето на минутата молчење пред почетокот на септемврискиот дуел со Шпанија. Минутата молчење беше во чест на починатата ќерка на поранешниот шпански селектор Луис Енрике, која ја загуби битката со ракот на само деветгодишна возраст.

Романските навивачи покажаа големо непочитување, па УЕФА реагираше со казна. Сепак, од „Европската куќа на фудбалот“ дозволија на вечерашниот дуел да присуствуаат само деца. Според проценките ќе има околу 30.000 дечиња кои ќе навиваат за својата репрезентација.

Ова стана своевидна мода во европскиот фудбал, бидејќи сезонава и Партизан беше казнет од УЕФА, па на дуелот со АЗ Алкмар во Лигата на Европа на трибините беа само дечиња.