Наполи дури по влегувањето на Елмас се врати од „мртвите“ против Лестер (ВИДЕО)

Фудбалерите на Наполи дојдоа до бод на вечерашното гостување кај Лестер (2-2) на стартот од новата сезона во Лига Европа, откако со фантастичен финиш ја анулираа високата предност од два погодоци на противниците.

Англичаните поведоа преку Перез во деветтата минута, а ја удвоија предноста преку Барнс во 64. минута. Во истата минута на теренот влезе нашиот Елиф Елмас, по што работите тргнаа на подобро за калчолигашот. Јунак во таборот на наполитанците беше Виктор Осман, кој со головите во 69. и 87. минута донесе изедначување. Пред вториот погодок на својот тим, Македонецот имаше одлична шанса во 81. минута, но неговиот удар беше одбранет од домашниот голман.

Најголемото изненадување во средбите од ноќниот термин можеше да го направи Фенербахче, кој во судиското продолжение имаше пенал за три бода кај фаворизираниот Ајнтрахт Франкфурт (1-1), но кој беше промашен, а потоа и голот што падна подоцна беше поништен од ВАР. Напаѓачки фудбал со многу шанси беше виден и во Ајндховен, каде што шансите се редеа на двете страни, па најреално беше ремито на дуелот помеѓу ПСВ и Реал Сосиедад (2-2).

РЕЗУЛТАТИ: Брондби-Спарта П. 0-0, Ајнтрахт-Фенербахче 1-1, Лестер-Наполи 2-2, Монако-Штурм 1-0, Олимпијакос-Антверпен 2-1, ПСВ-Реал Сосиедад 2-2, , Ренџерс-Лион 0-2.