Најскапото засилување на Зенит: Вардар е добар, иако му дадовме пет гола во Скопје!

Македонскиот шампион Вардар вечерва од 19 часот на стадионот „Крестовски“ во Санкт Петербург ќе се обиде да го одигра својот најдобар меч во Лига Европа и да го изненади фаворизираниот Зенит, кој веќе го завери настапот во пролетното шеснаестинафинале.

Македонскиот шампион Вардар вечерва од 19 часот на стадионот „Крестовски“ во Санкт Петербург ќе се обиде да го одигра својот најдобар меч во Лига Европа и да го изненади фаворизираниот Зенит, кој веќе го завери настапот во пролетното шеснаестинафинале.

Леонардо Паредес е најскапото летно засилување на рускиот гигант, кој од калчолигашот Рома дојде за 23 милиони евра во Санкт Петербург. Паредес поради повреда не дојде во Скопје кога црвено-црните дебитираа на големата сцена и од Зенит добија петарда во мрежата. Но, Аргентинецот и покрај лесната и убедлива победа го смета Вардар за добар тим, кој – добро се брани!

„Знам дека Вардар е добар тим, кој добро и организирано се брани, иако резултатот од нашиот прв меч не го покажува тоа, кога им дадовме пет гола. Јас се надевам дека и на овој меч ќе одиграме на начин по кој нашите навивачи задоволни ќе си заминат од стадионот“, вели Паредес во интервју за руски „Спорт Експрес“.

И тој, како и Роберто Манчини вчера најави дека во Зенит нема да недостига мотивација, иако првата цел, пласман во пролетните елиминации е остварена.

„Нашата главна цел ја остваривме, но го сакаме првото место. За да бидеме пред Реал Сосиедад потребно е да освоиме максимум бодови, па ќе се обидеме да го покажеме најдоброто од нас со Вардар“, додаде Аргентинецот.

Лани со Рома играше во Лига Европа, а годинава со Зенит. Според него, годинава има потешка група, иако по четири кола Зенит веќе оди понатаму. Лани со Рома беше во група со Викторија Плзен, Австрија Виена и Астра. Годинава противници му се Вардар, Реал Сосиедад и Розенборг.

„Мислам дека лани беше малку полесно со Рома во однос на оваа сезона“, признава Паредес.

Тој вреди двојно повеќе од целиот тим на Вардар, но на теренот парите не играат, па од Вардар се очекува конечно да покаже заби и храброст и да се избори за добар резултат. Првите четири меча се за заборав, а единствено што се памети е мајсторијата на Фелипе за првиот историски гол во Лига Европа во Трондхајм кај Розенборг.