„Најкрволочниот“ менаџер ѝ го украде на Барселона најдобриот тинејџер во светот! (ВИДЕО)

Еден од најталентираните светски тинејџери во моментов, 16-годишниот Чави Симонс, од денеска не е член на Барселона, откако одби да го продолжи договорот со тимот од „Камп Ноу“.

Оваа вест ја објави тој самиот преку својот профил на Твитер, без да открие каде ќе ја продолжи кариерата. По осум години минати во Ла Масија, Симонс, заедно со „најкрволочниот“ менаџер во светот, Мино Рајола, реши кариерата да ја продолжи на друго место, откако се откажал од годишната плата од 200.000 евра. Се шпекулира со тимот на ПСЖ, кој наводно бил подготвен да плати вистинско богатство за голобрадото момче, кој сѐ уште нема заиграно во посериозна конкуренција.

Популарноста на доскорешниот талент на Барса беше максимализирана кога најдобри моменти од неговите игри беа објавени на Јутјуб. Оттогаш, тој стана идол на многу дечиња, но и далеку повозрасни вљубеници во фудбалот, кои во него го видоа наследникот на Меси.

Поради тоа, Симонс уште лани дојде до милион следбеници на Инстаграм, нешто што е сон за далеку поискусни и подобри фудбалери од него.