На Саутгејт му ги простија бламажите во Лига на нации – останува селектор на Англија!

Англија летово се избламира во третата сезона во Лигата на нации, со кулминација дебаклот со 0-4 од Унгарија во последното четврто коло, па голем притисок се создаде врз селекторот Герет Саутгејт и поголем дел од јавноста бараше негова смена на пет месеци до почетокот на Светското првенство.

Европскиот вицепрвак и полуфиналист од последниот Мундијал во Русија сепак нема да го менува Саутгејт, кој доби полна поддршка од Фудбалската асоцијација (ФА), па раководството го уверило селекторот дека позицијата му е сигурна и никакви промени ниту се можни, ниту некој размислувал за нив, без оглед на тоа што бара јавноста.

Саутгејт е селектор на Англија од 2016 година и серијата без триумф во четири меча во Лигата на нации му е најдолга серија без триумф. Во септември го чекаат два меча со Италија и Германија во битка да се избегне последното место и испаѓање во Б-дивизијата, а „аѕурите“ им бегаат три бода на табелата.