Му даваа уште 48 часа дека ќе живее, а сега ќе игра ЛШ со Црвена Звезда

Српскиот репрезентативец Ненад Крстичиќ, еден од стандардните првотимци на белградска Црвена Звезда ќе дебитира во Лигата на шампионите во вторник во мечот со Наполи во европската елита, но овој фудбалер за врска има неверојатна животна приказна во која успеа да ја добие животната битка со леукемијата пред една деценија.

Крстичиќ има неверојатна приказна во која лекарите му предвидувале дека ќе живее уште 48 часа, откако била откриена леукемијата пред една деценија. Но, фудбалерот на Ц. Звезда една деценија подоцна освен што ја победи опасната болест, успеа да се запише во историјата на белградскиот гигант како член на генерацијата која по 26 години повторно ќе игра во мултимилионската елита.

„Многу ми е тешко да зборувам за тоа. Но, кога сè помина можам да кажам дека тоа е искуство за цел живот. Сè се случи одеднаш. Во ноември 2008 година го оперирав менискусот и бев во процес на рехабилитација. Отидов на еден меч на Сампдорија и таму јадев пица и чипс. Кога се вратив во клупскиот хотел почна да ме боли стомакот. Два дена не проаѓаше мачнината, бев омалаксан, не можев да јадам“, ја почнува приказната Крстичиќ.

Откако завршил на инфузија неколку дена, на вратот му се појавила жлезда поради која заминал на испитувања. Откако закрепнал го пуштиле дома, ама...

„Кога стигнаа резултатите, менаџерот ми се јави и ми рече дека не е добро и дека мора да се вратам. Дојдов и во крвта ми најдоа зголемување на белите крвни зрнца за неверојатно ниво. Нормалната состојба е 200, а јас имав 2.000. Тогаш ништо не ми кажуваа, сакаа да ме сочуваат“, продолжува српскиот фудбалер.

Лекарите само отворено му рекле дека има уште 48 часа од животот.

„Веднаш ме ставија на хемотерапија. Утрината состојбата беше подобра. Нивото спадна од 2.000 на 800, но кога дојдоа претседателот на клубот и директорот на Сампдорија во болница сватив дека нешто сериозно се случува. Лекарите и менаџерите ми ја објаснија целата ситуација. Тогаш ми кажаа колку било страшно, а ако ги разберев тогаш што зборуваа, веројатно психички ќе пропаднев. Тоа ми помогна, што размислував позитивно. Кога ми ја дадоа првата хемотерапија, мислев дека е инфузија, дека јас имав само стомачен вирус, дека сум имал тровање, дека за брзо време ќе се вратам на тренинзите. Ама не беше така“, посочува Крстичиќ.

Тој во болница останал до април 2009, потоа паузирал уште осум месеци и откако комплетно ја победил тешката болест се врати на терените. Сега е незаменлив дел од Црвена Звезда и ќе игра Лига на шампиони.