„Менаџерите сакаат да го уништат Шахтер, ја користат ситуацијата да ни ги земат играчите“

Украина веќе 124-ти ден се соочува со жестоката руска агресија врз земјата која започна на 24 февруари и пролетниот дел од фудбалското првенство не ни почна да се игра, а фудбалерите барем странските полека си заминуваат од клубот, како што неодамна беше случај со Бразилецот Давид Нерес од Шахтер.

Нерес потпиша за Бенфика без да одигра минута за новиот клуб откако зимоска од Ајакс се пресели во украинскиот гигант, а сега ФИФА донесе нова одлука со која фудбалерите од Русија и Украина може да станат слободни по 1 јули, ако не се договорат со актуелните клубови.

Сергеј Палкин, директорот на Шахтер, ги обвини менаџерите дека се обидуваат да го уништат овој клуб, но и другите украински клубови, користејќи ја војната за профит, односно да си ги наполнат џебовите.

„Сите се обидуваат да ја искористат оваа тешка ситуација, а кој најмногу се труди? Менаџерите! Некои сакаат да нѐ уништат, да ни ги украдат играчите. Ги контактираат другите клубови и им велат да не ни плаќаат зашто играчите ќе бидат слободни и дека само на нив да им платат провизија. Не може да замислите што се случува, какви сѐ манипулации има, како се манипулира со целата ситуација“, вели Палкин.

Ситуацијата ја ископликува ФИФА, која на фудбалерите им дозволи самостојно да решаваат дали до 1 јули ќе се договорат со својот матичен клуб, а ако не се договорат, можат еднострано да го раскинат договорот во следните година дена. И тука менаџерите ја играат својата најважна улога, фудбалерите по нивни совети не продолжуваат, а потоа со едностран раскин за неколку дена практично сите странци и добри играчи би можеле да бидат слободни.

„Сега имаме ситуација во следните четири дена да ги договориме фудбалерите, дали ќе ги продаваме, дали ќе ги дадеме на заем, што е невозможно. ФИФА не им помогна на украинските клубови, туку само ни ја направи ситуацијата уште полоша. Сега моќта на решавање не е во наши раце, туку одлуката за суспензија на договорите е во рацете на менаџерите. Многу луѓе велат дека стојат зад Украина, ама тоа сериозно не го мислат – лажат! Имаме проблем и да купуваме играчи, скоро невозможно е такво нешто“, додаде директорот на Шахтер.

Шахтер е клуб од Доњецк, кој после мајданската револуција во 2014 година и војната на истокот мораше да се пресели прво во Лвов, па во Киев, а сега откако Русија ја нападна Украина не може да игра на територијата на својата земја, па мечевите во Европа ќе ги игра на неутрален терен.