Марсеј ќе ја спасува честа на Французите, Атлетико во напад на трет трофеј во ЛЕ!

Само уште еден натпревар не дели од крајот на сезоната во Лигата на Европа (ЛЕ). Вечерва на стадионот во Лион, на кој се очекуваат 56.500 навивачи, за трофејот ќе се борат Атлетико Мадрид и Олимпик Марсеј од 20.45 часот.

Атлетико Мадрид е фаворит во средбата, откако претходно го има освоено натпреварувањето во 2010. и 2012. година. Од друга страна, ниту еден француски тим ја нема освоено Лигата на Европа, иако Марсеј досега имал два настапи во финалето во минатото во УЕФА купот. Првиот против Парма во 1999. година, а вториот против Валенсија во 2004. година.

Сепак, екипата на Марсеј има мала предност, затоа што средбата се игра во Франција, а вреди да кажеме дека тие победиле на осум од последните девет натпревари на домашен терен во Европа, а само на еден имаат триумфирано кога играле надвор од Франција.

Марсеј во европските натпреварувања има два трофеи, поточно во Лигата на шампиони во 1993. година, како и во Интертото Купот во 2005. година.

За Атлетико Мадрид ова е второ финале кое го игра во Лион, а има лоши спомени од првото бидејќи во далечната 1986. година загубија од Динамо Киев со 3-0.

Тренерот на Монако, Руди Гарсија, пред натпреварот кажа дека ќе биде многу тешко против Атлетико, но нема да се предадат предвреме.

„Ние имаме мала шанса да победиме, но ќе дадеме сè од себе. Да се игра против Атлетико е голема работа за нас. Тоа е клуб, кој играше во две финалиња во Лигата на шампиони во последните четири години. Но финалето на домашен терен е одлична можност. Ниту еден француски клуб не го освоил трофејот, па ќе биде фантастично ако тоа први го направиме ние“, вели Гарсија.

Диего Симеоне, пак, кажа дека Марсеј е опасен во средината на теренот и нападот, па ќе мора да бидат многу внимателни.

„Очекувам да биде одлично финале. Марсеј напредуваа многу и тие имаат тренер, кој има многу алтернативи. Тие се опасни, особено во средината и нападот, па ќе биде тежок натпревар. Откако испаднавме од Лигата на шампиони, веднаш се посветивме на ова натпреварување. Многумина сметаа дека ќе стигнеме до финалето и ние токму тоа го направивме“, кажа Симеоне.

Еден од најважните играчи на шпанската екипа ќе биде нивниот голман, Јан Облак, кој на 47 натпревари сезонава, ја зачува мрежата недопрена на 28. Од друга страна, ѕвездата на Французите, Димитри Паје, е најголема опасност кон голот на противниците, откако на 11 натпревари во Лигата на Европа сезонава, постигна три гола и седум асистенции.

Главен судија на натпреварот ќе биде Бјорн Кујперс, кој судеше во 2013. година меѓу Челси и Бенфика, како и во финалето, во 2014. година меѓу Реал Мадрид и Атлетико Мадрид.

Да потсетиме, на клупата на Атлетико нема да биде Диего Симеоне, кој има суспензија од четири натпревари.