Македонските клубови евроквалификациите можно е да ги играат на – Кипар?!

Чеитирите македонски европретставници во квалификациите за Лигата на шампионите и Лига Европа за новата сезона 2020/21, можно е да ги играат на неутрален терен на Кипар, откако грчки и кипарски медиуми ја најавија оваа опција, зашто УЕФА сериозно го разгледува планот за (по)голем дел од квалификациските мечеви да ги пресели на овој остров.

Силекс треба да игра во квалификациите за ЛШ, на местото на Вардар, кој поради хаосот и тоталниот распад, не доби лиценца за да биде дел од европската елита и загуби скоро еден милион евра од наградата на УЕФА, а кратовци својот европски меч треба да го играат на 17 и 18 август. Шкендија, Ренова и Шкупи, пак, на 27 август треба да го играат првото коло во Лига Европа и тоа во еден меч, поради скратениот систем кој го воведе УЕФА за оваа сезона предизвикана од пандемијата на коронавирус, продолжената сезона и фактот дека нема премногу термини до стартот на новата.

Во Нион сериозно ја разгледувале опцијата дел од квалификациите да се преселат на Кипар поради одличната епидемиолошка слика на островот и фактот дека за разлика од поголем дел од земјите во Европа, особено на Балканот каде има експлозија на заразени во вториот бран на вирусот, овој остров барем засега одлично се справува со опасноста, па играњето фудбал е безбедносно најмалку ризично. УЕФА веќе разговарала со првиот човек на кипарскиот фудбал Јорго Кумас, кој пак е во постојан контакт со министерот за здравство на Кипар околу ваквото сценарио и можноста низа од мечевите во квалификациите да се играат во оваа земја, но каква ќе биде одлуката засега никој не знае и сè е во опција на разгледување.

Колку мечеви Кипар би организирал засега не е познато, зашто во ек е само разгледување на опцијата, но УЕФА најавила дека клубовите ќе мора да патуваат со чартери, да се тестираат најмалку три дена пред мечот, а во најава е дека европската централа веќе набавила тестови кои треба да се спроведуваат за тестирањето преку институтите за јавно здравје.

За десетина дена треба да продолжи рестартот на европската сезона во ЛШ и Лига Европа, а кога фазата ќе стигне до полуфиналето, ќе треба да стартуваат европските квалификации. Според тоа што УЕФА засега сигурно го објави е дека сите квалификации ќе се играат по еден меч, освен плејофот за ЛШ во два меча, а со ждрепка ќе се одредува кој е домаќин. Но, УЕФА го задржува правото и тоа ќе го стави во протоколот кој засега официјално не е објавен, дека поради безбедносна проценка и зголемен ризик, да го менува местото на одигрување на мечот, ако ситуацијата со ковид-19 е подобра кај гостинскиот тим или да се реши мечот да го игра на неутрален терен.

Во изминатиов период, зголемена зараза од коронавирус има безмалку во секоја земја, но бројките се многу поголеми посебно на Балканот, во Романија таа стигна и над 1.000 заразени на дневно ниво, Украина регистрира над 900, а БиХ има скоро 300, во Србија над 400..., а во Македонија веќе подолг период таа бројка на заразени е над сто (само еден ден беше под стотка).

Втор голем проблем за УЕФА се разните рестрикции во патувањата за одредени земји, најчесто во земји во ЕУ, па сето тоа посебно ја отежнува организацијата на комплетниот квалификациски циклус и оттаму „планот Б“ за евентуална алтернатива за одигрувањето на мечеви. Сепак, како и досега УЕФА ќе сочека да го види развојот на настаните со коронавирусот низ Европа, за точно да каже, како ќе се реализира стартот на новата сезона во европските натпреварувања.

УЕФА веќе подолг период најавува протокол за новата сезона и одредени делови од тој протокол веќе се појавија низ медиумите, но конкретните детали допрва треба да бидат соопштени од Нион, кои ќе мора стриктно да се спроведуваат за да се избегне секаква шанса од појава на зараза од ковид-19 во фудбалот.

Тоа што е сигурно, а и од претходно УЕФА го најави, е дека и оваа сезона во ЛШ и Лига Европа ќе се играат мечевите без публика. Ждрепката за воведното коло во европските квалификации е закажана за 9 август.