Македонските евроклубови може да загубат и службено ако им се појави – коронавирус!

Четирите македонски европретставници Силекс (Лига на шампиони), Шкендија, Ренова и Шкупи (Лига Европа) ќе мора многу да внимаваат во екот на глобалната пандемија со коронавирус и практично тимовите да бидат во незадолжителна изолација, зашто заболен од Ковид-19 во соблекувалната може да значи и – елиминација од понатамошните квалификации.

Европската фудбалска унија (УЕФА) денеска на Извршниот комитет направи ковид-анекс на правилникот за европските квалификациски рунди за новата сезона во која еден дел предвидува и за службена победа на противничката екипа, ако поголем дел од играчите се заболени или од страна на епидемиолозите ставени во карантин.

Според правилникот што УЕФА го изготви, ако се појави еден, два или три заразени фудбалери, мечот ќе се игра без тие играчи, но ќе зависи колку други фудбалери би завршиле во карантин од епидемиолозите. Ако има поголем дел на заразени или во карантин, мечот би требало да се одложи, но само ако постои термин за такво нешто.

Е, сега целата збрка е што УЕФА ќе дозволи одигрување на меч ако во тимот има 12 негативни фудбалери на тестовите, како и негативен голман. Што би значело дека некој македонски клуб би можел да истрча на 90-минутна пресметка само со 11 играчи и една-дбе замени.

Но, уште поурнебесно е ако во тимот на пример голманите пријавени за во Европа се позитивни, мечот се одложи, ама нема термин за одигрување, па тој тим каде што има зараза ќе биде плус казнет – елиминација со службени 3-0. Ова би значело дека ако некој македонски клуб како домаќин, ја има одговорноста за организацијата, и ако не може да го одигра мечот, автоматски губи.

Интересно е кај судиите, ако се појави зараза, УЕФА предвидува арбитар од иста земја како што е домаќинот на мечот да влета и да ја спаси ситуацијата, па да дели правда на мечот што е предвиден.