Македонија ќе лета со Катар Ервејз на ЕП: Моќната авиокомпанија стана спонзор на УЕФА

Една од најголемите авиокомпании „Катар Ервејз стана официјален партнер и спонзор на УЕФА за претстојното Европско натпреварување низ Европа, па ќе биде официјален превозник на континенталниот шампионат кој летово треба да се игра низ 12-те градови на Стариот континент една година подоцна од планираното поради пандемијата со коронавирус.

Катарската авиокомпанија влезе во друштво на Алипеј, Букинг, Кока-Кола, Федекс, Хајнекен, Хајсенс, СОКАР, Текавеј.ком, Тик-ток, Виво и Волксфаген, како спонзори на најголемиот европски фудбалски настан на кој ќе дебитира Македонија.

Црвено-жолтите се во група со Австрија, Украина и Холандија и ги очекуваат пресметки со Австријците на 13 јуни, со Украинците на 17 јуни (двете во Букурешт), како и со Холандија (во Амстердам) на 21 јуни во групната фаза.

„Многу сме задоволни од соработката со УЕФА, од можноста што ќе ги овозможиме висока класа на патувања за фудбалерите и официјалните лица. Моќта на спортот е да ги обедини луѓето, а партнерството со УЕФА за Евро 2021 е извонредна можност за нас, а уште повеќе ова ја илустрира нашата поврзаност со Европа и зголемувањето на нашето портфолио“, вели Акбар Ал Бакер, извршниот шеф на „Катар Ервејз Груп“.

Моќната катарска авиокомпанија е спонзор и на ФИФА, на јужноамериканската конфедерација КОНМЕБОЛ, како и на Пари Сен Жермен, Рома, Бока јуниорс, Баерн Минхен, белгиски Еупен и Ал Сад.