Ливерпул се уплаши – нема да го носи Шаќири во Белград?!

Џердан Шаќири стана најпроблематичниот фудбалер на Ливерпул деновиве, затоа што се крена прашањето за неговото патување во Белград, кога Ливерпул ќе игра кај Ц. Звезда. Поради проблематичниот третман кај Србите, Ливерпул ќе го изостави овој фудбалер за гостувањето кај црвено-белите.

Неофицијално, Јирген Клоп се решил да постапи соломонски и да не го носи Шаќири на ова гостување. Проблем може да биде безбедноста на фудбалерот, а со тоа и на цела екипа, без разлика што од Ц. Звезда должни се и сигурно ќе преземат се за да не бидат загрозени.

Српската јавност му е гневна на Шаќири поради реакцијата на мечот меѓу неговата Швајцарија и Србија, на СП во Русија. Откако постигна гол, тој како и Гранит Џака претходно, направи „летечки двоглав орел“ со рацете, симбол кој важи за албански.

Тој е роден во Гњилане, во Косово и затоа на копачките, покрај швајцарско, има знаме и на Косово, што баш не им е по волја на Србите.

Мечот меѓу Звезда и Ливерпул ќе се игра на 6 ноември, од 19 часот, во рамки на 4. коло од ЛШ.