Ливерпул „испука петарда“, ама прерано славеше: Рома спушти на дофатливи -3! (ВИДЕО)

Ливерпул ја совлада Рома во едно од најефикасните полуфиналиња во Лигата на шампионите со 5-2, доволно за реваншот на „Олимпико“ да биде минимално неизвесен и максимално привлечен.

Како се одвиваше натпреварот на „Енфилд Роуд“, Рома може да биде задоволна со пораз од 2-5, повикувалјќи се на чудото што го направи против Барселона во минатото коло, кога се врати од 1-4. 

Ливерпул беше убедливо подобрата екипа на теренот, секој негов посед со топката беше потенцијален гол и затоа во еден период во второто полувреме фудбалерите на Рома беа само уште 11 гледачи на „Енфилд“. Од 56. минута до 69., Англичаните постигнаа три гола и го направија резултатот 5-0. Мане погоди еднаш, Фирмино двапати и само се надоврзнаа на Мохамед Салах, кој распука во првиот дел.

Во 36. минута испрати брилијантен пласиран шут за 1-0, а во првата минута од судиското продолжение од контра лобиваше за 2-0. И во двата случаја, одби да го прослави голот од почит кон својот поранешен тим.

Во моментите кога Ливерпул водеше со 5-0, не само што тоа беше реална слика на состојбата на теренот, туку делуваше дека ќе биде и поубедливо. Сепак, момците на Јирген Клоп како прерано да прославија, па за четири минути примија два гола. Џеко стрелаше во 81. минута, а Пероти реализираше пенал на пет до крајот. Завршните минути Рома ги одигра рамноправно и напаѓаше, само колку да потсети дека веќе направи еден историски „бум“, пред 14 дена против Барселона. Коинцидентно или не, Салах излезе од игра во 75. минута.

Реваншот е идната среда, на „Олимпико“.