Лисабон добро ќе ја наплати ЛШ - над 50 милиони евра ќе заработи од фајнлејт во ЛШ!

Португалската престолнина Лисабон две недели ќе биде домаќин на завршницата од оваа корона-сезона во Лигата на шампионите и т.н. фајнлејт-турнир, од кој градот и локалната економија ќе биде побогата за над 50 милиони евра, покажа истражувањето за финансискиот ефект од овој настан за градот.

Португалскиот Институт за администрација и маркетинг (ИПАМ) направиле истражување во кое дошле до заклучок дека 50 милиони евра ќе биде заработката од организацијата на 11-дневниот завршен турнир во ЛШ, кој ќе се игра од 12 август до 23 август, кога е планирано финалето на „Луж“, домот на Бенфика.

Иако на мечевите нема да има гледачи, што го потврди и УЕФА, во Португалија нема забрана за доаѓање на странски туристи, па градот очекува најмалку 16.000 луѓе во тој период, кои ќе потрошат пари во најразличните сектори, а околу 3.000 лица кои ќе бидат вклучени во организацијата, како и претставници на медиумите исто така ќе имаат удел во заработката на градот.

Плус се очекува дополнителна заработка од комерцијални активности и маркетинг. Повеќе од сигурно е да беше нормална ситуација или во најмала рака да беше дозволено присуство на гледачи, заработката на Лисабон ќе беше многу поголема од овие 50 милиони, кои сепак во кризен период и тоа како се добредојдени.

На 7 и 8 август ќе се одиграат четирите преотанати реванш осминафинални мечеви, по што ќе се комплетира бројката од осум учесници на завршниот турнир, а потоа од 12 до 15 август ќе се игра четвртфиналето, на 18 и 19 август ќе бидат полуфиналињата, а на 23 август финалето.