Леонардо доби меч суспензија, а Ал Келаифи помилуван за нападот врз судиите!?

Дека УЕФА замижува кон ПСЖ, посебно кон Катарецот Насер Ал Келаифи, кој е и член на Извршниот комитет како претставник од ЕКА (Европска клупска асоцијација), доказот дојде денеска откако дисциплинската комисија на европската централа не го казни газдата на парижаните, а „настрада“ само Леонардо, досегашниот спортски директор.

Против ударниот тандем на ПСЖ, УЕФА имаше отворено постапка за напад врз судиите, откако бесни упаднале и вербално ги навредувале арбитрите после поразот на парижаните од Реал Мадрид на „Сантјаго Бернабеу“ и елиминацијата од ЛШ во осминафиналето, кога Карим Бензема им даде хет-трик за 17 минути и од добиен меч „светците“ го загубија.

Судија на мечот беше познатиот Дани Макели, кој во дополнителниот судиски извештај напишал за нападот од Ал Келаифи и Леонардо и обидот насилно да влезат во соблекувалната на судиите.

„Претседателот и директорот покажаа агресивно однесување и се обидоа да влезат во судиската соблекувална, а кога судиите побараа да си заминат, тие ја блокираа вратата и претседателот намерно удри во едно од знаменцата на помошниците и го скрши“, стоеше во судискиот извештај за инцидентот.

Интересно, новинар на „Марка“ добил смртна закана откако снимил дел од инцидентот, после кој Ал Келаифи му се обратил со зборовите – ќе те убијам!

Арно ама, казна за Ал Келаифи нема, што за сите критичари на УЕФА, а посебно од Шпанија е уште еден доказ дека Катарецот е „претседателот на УЕФА во сенка“ и сека првиот човек Александер Чеферин е седнат во неговиот скут и е само обична марионета. Ова доаѓа во ек кога Ла Лига побара казна од УЕФА за ПСЖ поради економски неоправданиот нов договор со Килијан Мбапе, во кој со притисок учествувал и претседателот на Франција; Емануел Макрон. Но, иако УЕФА ги чешла финансиите, јасно уште сега е дека никаква акција, ниту некаква постапка ќе има кон парискиот гигант, дури и да се најдат недостатоците.