Кулушевски по дебито за Шведска: Ми се оствари сонот!

Македонија дефинитивно го загуби огромниот талент Дејан Кулушевски, фудбалерот на италијанска Парма кој синоќа ги одигра првите 25 минути за шведската сениорска репрезентација и со тоа повеќе нема надежи дека големата фудбалска надеж може повторно да се врати во црвено-жолтиот дрес.

Кулушевски пред само три години беше дел од младинските селекции на Македонија, даде неколку голови, на еден меч за селекцијата до 16 години погоди четирипати (против Црна Гора 7-0), но потоа реши да игра за Шведска, каде што е роден. Преку младата селекција, а после одличните настапи сезонава во Калчото, доби сениорски повик и Шведска си го обезбеди големиот потенцијал за следната деценија со настапот против Фарските острови (3-0).

„Ова е остварување на сонот. Голем момент за мене. Пресреќен сум за дебито и горд сум на себе и на семејството после ова“, рече Кулушевски по одиграните 25 минути за „викинзите“.

Младиот офанзивец сега е на радарот на селекторот Јане Андерсон дека може да биде меѓу 23-те фудбалери кои идното лето ќе играат на Евро 2020, откако Шведска уште во петокот го завери настапот на континенталниот самит. Но, Кулушевски за шведските медиуми призна дека воопшто не било лесно дебито синоќа.

„Ми изгледаше како дебито во Серија А. Не бев нервозен, ама некако нозете ми беа тешки. Беше некако потешко од вообичаено, а ова е нешто на кое мора да работам. Но, некако го искористив најдоброто од ситуацијата. После влегувањето некако беше полесно, ама вакви работи се случуваат, кога нешто премногу посакувате. Добив 25 минути, а сакав да влезам и со таа енергија да го направам мечот поинтересен. И успеавме ако ништо да дадеме два гола. Го дадов најдоброто од себе за 25 минути“, додава Кулушевски.