„Кралот“ Зидан тактички го доби залетаниот ПСЖ, Ливерпул е веќе меѓу осумте најдобри! (ВИДЕО)

И без никаква игра, и без никаква иницијатива, а и објективно гледано незаслужено, Реал Мадрид дојде до огромна предност во првиот осминафинален натпревар совладувајќи го ПСЖ со 3-1.

ПСЖ доминираше особено во вториот дел, поточно до моментот кога Унаи Емери одлучи да ги брани оние 1-1 и го повлече Кавани од игра, а Зидан ги погоди замените и Реал стигна до голема победа.

Зидан фрли сѐ на една карта во последните петнаесетина минути, а ризокот му се исплатеше кога Роналдо во 83-та и Марсело во 86-та погодија за голема победа на Реал. Претходно, Рабио отвори во 33-та минута, а Роналдо од пенали изедначи во финишот на првиот дел.

Ливерпул вечерва го прегази Порто со високи 5-0 и така практично обезбеди место меѓу осумте најдобри во Лигата на шампионите.  Мане постигна хет-трик, по еден гол додадоа Салах и Фирмино за убедливи 5-0, повисоки дури и од вчерашната победа на Манчестер сити против Базел.