Ковид-19 во среда вторпат ќе го одложи историскиот меч Македонија – Косово

Европската фудбалска унија (УЕФА) за задутре закажа видео-конференција на работните групи на европската централа со сите генерални секретари на националните федерации, меѓу нив и со генсекот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) околу календарот, кој веќе извесно е дека ќе доживее нова промена од првичниот план пред две недели.

Англиски „Тајмс“ веќе објави дека УЕФА го има планот за сезоната да заврши во август, но без конкретни детали, што значи дека најрано фудбал би почнало да се игра во јуни и сето тоа значи дека многу веројатно историскиот бараж на Македонија со Косово, како и останатите баражи за Евро 2020 првично закажани за 4 јуни повторно ќе биде одложен.

„УЕФА ги кани сите генерални секретари на своите 55 членки на видеоконференција в среда (1 април) за да разговараат за прогресот на двете работни групи кои беа составени пред една недела за да се разгледат опциите за презакажување на потенцијалните мечеви. На состанокот ќе се разгледа развојот на репрезентативните и клучпските натпреварувања, како и развојот на ситуацијата на ФИФА и европскиот фудбал околу договорите на фудбалерите и целокупниот трансфер систем“, се вели во известувањето од Нион.

Пандемијата со коронавирусот која не стивнува во Европа веќе сигурно влијае на презакажување на првичниот план, според кој сезоната требаше да заврши до 30 јуни, со рестарт на првенствата на почетокот на мај, што е практично невозможно, зашто за две недели би требало тогаш да почнат подготовките на клубовите, а веќе земји како Италија објавија дека се суспендираат сите фудбалски активности најмалку до 3 мај.

Ова за Македонија значи дека тешко изводливо е воопшто историскиот бараж со Косово да може да се игра на 4 јуни, нешто што во Србија веќе го најавија пред неколку дена и дека многу возможно е пресметката да биде префрлена во септември во терминот за првите две кола од втората сезона на Лигата на нации, а нејзиниот старт да се пролонгира, па дури и да биде „жртвувана“ поради новонастанатата ситуација.

Поради светската криза веќе еднаш беше одложен мечот за место на Евро 2020 кој требаше да се игра на 26 март, а ако има ново одложување, тоа ќе биде вторпат за кус рок. Веројатно УЕФА ќе се реши комплетно со овие одложувања да го расчисти календарот само за националните првенства и за начинот како ќе се доигра европската клупска сезона, а потоа од септември да се доигра се што беше по план на репрезентативен план. Но, сето тоа ќе придонесе и новата сезона, како што најави „Тајмс“ да се игра скратено во следната сезона 2020/21, зашто првенствата ќе мора да завршат до мај идната година, за да може потоа да се одигра веќе презакажаното Евро 2020 од 11 јуни до 11 јули 2020.