Кореа и Врсаљко се заболените од корона во Атлетико, останатите се – негативни!

Анхел Кореа и Шиме Врсаљко се двајцата фудбалери на Атлетико Мадрид кои се болни од коронавирус, откако синоќа потврди мадридскиот клуб дека има заболени од новиот опасен вирус, но после комплетното тестирање во предвечерието на стартот на фајнлејт-турнирот во Лисабон, останатите се – негативни.

Мадриѓаните беа уплашени дека појавата на зараза во соблекувалната може да се прошири, па тимот пред настапот во Лисабон да остане десеткуван, па клубот експресно направи нова рунда на тестирање, по која останатите се негативни и тие ќе патуваат во португалската престолнина каде ги чека мечот со Ред Бул Лајпциг.

Атлетико објави дека семејствата на Кореа и Врсаљко исто така се негативни, па двајцата фудбалери остануваат во изолација и за нив сезоната е завршена. Двајцата немаат никакви симптоми.

Според правилата на УЕФА ако тимот има 13 играчи кои се негативни ќе го одигра мечот, но само ако меѓу нив има и еден голман, а во секој друг случај мечот ќе требаше да се одложи или презакаже, па дури и Атлетико службено да загуби.

Според најавите иако вечерва мадриѓаните требаше да заминат за Лисабон, патувањето е одложено за утре претпладне.