Клучно лето за мак-фудбалот: Нова евро-бламажа ќе нѐ остави со клуб помалку во 2024! (ФОТО)

Две мизерни сезони од последните три во Европа, го донесоа македонскиот клупски фудбал на крстопат летово, пред многу важниот предизвик на четирите европретставници, дали ќе успеат да го задржат во зоната на просечноста или брзопотезната елиминација ќе нѐ донесе до тотална пропаст од 2024 година.

Првакот Шкупи вечерва против Линколн Ред Импс од Гибралтар тргнува во ЛШ-авантурата, Шкендија и Академија Пандев задутре во квалификациите за Конференциската лига, а Македонија ЃП за две недели во втората рунда од најслабото натпреварување благодарение на суспензијата на Русија. И заедничко за четирите годинешни летни европретставници е дека мора да се потрудат да освојат рејтинг-бодови, зашто сѐ друго би било катаклизма со сериозни последици – од 2024 година наместо четири да имаме три претставници во квалификациите.

Македонија благодарение на епските бламажи во 2019 година и во ланската 2021 година, тргнува во оваа европска авантура како трета најслаба земја на УЕФА-ранкингот, зад Црна Гора и вечниот фенерџија Сан Марино. И за да се избегне тотално фијаско и катаклизма ни треба најмалку 50-то место на листата, кое сега го држи Гибралтар со 1.100 рејтинг поени повеќе од нас.

Според пријавната листа (аксес-листата) за секоја година на УЕФА, земјите од 51-то до 55-то место имаат само три учесници, првакот во ЛШ, вицепрвакот и куп-победникот во Конференциската лига. Со тоа што, најслабите четири земји, за прваците имаат фајнлфор како претквалификациски турнир од кој само победникот оди во прво коло.

Оваа катаклизма на Македонија сега ѝ се заканува, не за следната сезона 2023/24, туку за сезоната 2024/25 во која при најцрно сценарио, со годинешни нови „прошетки“ на европретставниците низ Европа би нѐ донеле на самото дно, посрамно дури и од 166-та позиција на ФИФА-листата пред шест години.

И сето тоа се должи на катастрофите во 2019 година и во 2021 година, кога експресно евроклубовите од земјава беа елиминирани, а со тоа рејтинг-поените беа сведени на минимум и според ефектот во тековната сезона, еднаш бевме втори најслаби (во 2019 на 54-то место по ефект) и еднаш четврти најслаби на Стариот континент (лани на 52-то место по ефект).

Пред четирите македонски клубови е сериозен предизвик, со што повеќе победи и подолго лето да спречат ваква пропаст со која Македонија би станала фудбалски „пациент“ во клупскиот фудбал во Европа, во друштво на земјите за потсмев, па сите да се чудат во големиот јаз како е можно една земја со така слаб клупски фудбал да има така сериозна репрезентација која играше на Еуро 2020 и правеше чуда во последниот мундијалски циклус (Германија и Италија).

Ако не успеат Шкупи, Шкендија, Академија Пандев и Македонија ЃП, тогаш сите во македонскиот фудбал ќе стискаат палци и ќе се надеваат на милост од УЕФА со реформите од таа сезона 2024/25 на сите од дното да им даде по клуб повеќе поради реформите во европските натпреварувања (по 36 учесници во групните фази), за да се прикрие тоталниот стам. Иако таква најава за зголемување на бројот на екипи во квалификациите досега немало во најава од Нион, освен за зголемување на бројката на екипи во главните фази на групите, по четири плус од досеганите 32 во трите натпреварувања.