Ќе преживее ли Зидан во пеколниот Истанбул, Звезда и Динамо на „испити“ за европска пролет

Најтрофејниот европски клуб Реал Мадрид после мизерниот старт во новата сезона во Лигата на шампионите со само еден освоен бод и последно место во групата, нема друга опција вечерва (21 часот) освен да го освои пеколниот Истанбул и со победата да го спаси Зинедин Зидан на клупата во третото коло од Лигата на шампионите.

Тотално неочекувано за „кралскиот клуб“ е ситуацијата во која западна, а медиумите во Шпанија веќе на големо најавуваат дека за Зидан, човекот кој претходно за две ипол години донесе три европски круни во низа, часовите му се одброени, ако не победи кај Галатасарај во пресметката од групата А во ЛШ. Очигледно е дека на Реал Мадрид и тоа како му недостига Кристијано Роналдо, но вложените 300 милиони евра за реконструкцијата на тимот засега не ги оправдаа очекувањата, па прв што во ваква ситуација страда секогаш е тренерот.

Вечерва од фудбалерите зависи дали отказот ќе биде напишан, а капитенот Серхио Рамос најави дека сите ќе изгинат за да ја „спасат“ француската легенда. Но, очигледно е дека многу работи во мадридскиот великан не се како што треба, ја нема ниту препознатливата игра, а ја нема ни убоитоста на тимот.

„За мене секој меч е финале. Тука сум 18 години, би сакал до крај на животот да останам. Знам кај сум, каков е притисокот и товарот на грбот. А, дали ќе заминам? Тоа е прашање за други, не за мене“, рече Зидан во најавата за мечот.

За Реал Мадрид ова е најслабиот старт во една сезона во ЛШ, но далеку од тоа дека ги загуби шансите во групата, зашто има уште четири меча сосе овој, а од вториот Бриж е на само бод разлика.

Двата бившојугословенски великани Динамо Загреб и Црвена Звезда, после победа и пораз од првите фаворити во воведните две кола денеска ќе ги имаат вистинските „испити“ дали се зрели за пролет во европската елита. Динамо од 18.55 часот му гостува на украински Шахтер, а Ц. Звезда од 21 часот оди кај грогираниот Тотнем. После триумфите на двата балкански великани, сега добри резултати од овие гостувања, ќе им ја подотворат вратата кон европската пролет, особено што за две недели ќе ги дочекаат истите противници на домашен терен, кога и би можеле да исчекорат кон таков успех.

За Динамо останува неизвесно дали македонскиот репрезентативец Аријан Адеми ќе може да игра, иако сите најави се дека е подготвен и покрај незгодната повреда (да игра под блокатори) за да даде сè за успех со „модрите“. Ц. Звезда има далеку потежок ривал во европскиот вицепрвак, но лондончани веќе од поодамна се во криза, сега и без првиот голман Уго Лорис, па бараат шанса да го искористат тој момент за да направат сензација, иако Тотнем е апсолутен фаворит на мечот.

Во другите денешни мечеви, Баерн треба да ја оправда фаворитската улога во Пиреа против Олимпијакос, а истото важи и за Атлетико Мадрид и Јувентус, кои во групата Д со триумфи практично би исчекориле кон европска пролет. Истото важи и за Пари Сен Жермен, кој е фаворит на гостувањето во Бриж.

ГРУПА А: Бриж – ПСЖ, Галатасарај – Реал Мадрид (двете од 21 часот)
ТАБЕЛА: ПСЖ 6, Бриж 2, Галатасарај 1, Реал Мадрид 1.

ГРУПА Б: Олимпијакос – Баерн Минхен, Тотнем – Ц. Звезда (двете од 21 часот)
ТАБЕЛА: Баерн М. 6, Ц. Звезда 3, Олимпијакос 1, Тотнем 1

ГРУПА Ц: Шахтер – Динамо (18.55), Манчестер сити – Аталанта (21)
ТАБЕЛА: Манчестер с. 6, Динамо 3, Шахтер 3, Аталанта 0.

ГРУПА Д: Атлетико Мадрид – Баер Л. (18.55), Јувентус – Локомотив Москва (21)
ТАБЕЛА: Јувентус 4, Атл. Мадрид 4, Локомотив М. 3, Баер Л. 0