Јунајтед го пречекува ПСЖ во дерби на вечерта, Лацио гостува во Дортмунд

Денеска се играат останатите натпревари од петтото коло во Лигата на шампиони (ЛШ), а во центар на внимание ќе биде дербито меѓу Манчестер јунајтед и ПСЖ, по кое ќе бидат познати многу работи во групата.

Иако во вечерашниот меч ќе влезат со ослабен состав поради голем број повреди ПСЖ не смее да загуби за да не ја загрози борбата за нокаут-фазата во ЛШ.

Томас Тухел, тренерот на ПСЖ кажа дека ова ќе биде финале за неговиот тим во ЛШ.

„Овој меч е како финале на ‘Олд Трафорд’. Не смееме да најдеме изговори. До нас е да бидеме добри на теренот и да победиме. Можно е, иако ова е голем предизвик“, кажа Тухел.

И тренерот на Манчестер јунајтед, Оле Гунар Солшер, е подготвен за предизвикот, а ќе добие помош од Едисон Кавани.

„Кавани е подготвен да игра и ова е навистина специјален момент за него бидејќи ќе се соочи со поранешниот клуб, каде што беше еден од најдобрите. Тој е професионалец и ќе биде подготвен за натпреварот“, кажа Солшер.

Ако Лајпциг го победи Башакшехир, а ПСЖ загуби во Манчестер, тогаш тоа би можел да значи крај за вицешампионот на Европа на надежта за пласман во плејофот.

Башакшехир и Лајпциг играат од 18.55 часот, додека мечот меѓу Манчестер јунајтед и ПСЖ почнува од 21 часот.

Борусија Дортмунд и Лацио ќе се пресметаат во директен дуел, а победникот ќе обезбеди место во плејофот, додека поразениот ќе мора да се надева дека Клуб Бриж нема да слави против Зенит.

Во групата Г познати се патниците, а тоа се Барселона која со ослабен тим патува кај Ференцварош, и Јувентус кој го пречекува Динамо Киев.

Уште едно дерби во „сенка“ е мечот меѓу Севилја и Челси, кои ќе се борат за првата позиција во групата Е, а имаат по десет бодови и веќе изборија пласман во нокаут-фазата, додека Краснодар и Рен ќе решат кој ќе патува во плејофот на Лига Европа.