Јаневски: Вардар одигра добро денеска, иако бевме уплашени на стартот!

Тренерот на Вардар, Чедомир Јаневски изјави дека Вардар одиграл добро и без страв денеска на стадионот „Крестовски“ во Санкт Петербург, а посебно потенцира дека црвено-црните одиграле добро во второто полувреме.

Кормиларот на црвено-црните откри дека неговите играчи биле уплашени во првите 15 минити, кога Зенит ја покажа сета своја моќ, од причина да не се случи тоа што се случи во Скопје, па Вардар експресно да се најде во голема негатива и на крај да си замине со полна мрежа.

„Двата тима одигравме добар меч, а како што кажав и вчера, за добар меч треба да бидеме добро организирани. Нормално, Зенит пред своите навивачи беше исклучително силен во првите 15 минути, тоа беше период кога ние бевме уплашени, затоа што во Скопје примивме брз гол. Многу ми е драго што имам голман, кој до последна секунда веруваше во реми. Ние по одбранетиот пенал останавме во игра, но брзо дојде тој втор гол, а во второто полувреме иако имавме негатива, одигравме подобро. Вардар одигра добро денеска, не се исплаши од противникот. Манчини е извонреден тренер има 26 фантастични фудбалери и нема кого да издвојам посебно од Зенит“, рече Јаневски.