Јаневски ќе настапи со испретумбана одбрана

Македонскиот шампион Вардар вечерва од 21.05 часот на Националната Арена „Филип Втори“ ќе го одигра последниот меч во својот дебитантски настап во Лига Европа против норвешки Розенборг и овој меч е последна шанса за црвено-црните да освојат бод(ови) во групата Л.

За вечерашниот дуел, тренерот на Вардар, Чедомир Јаневски има многу мака за да состави нормален дефанзивен ред, па против Розенборг ќе мора да импровизира и експериментира на десната бековска позиција на која ги нема Хофханес Хамбарџумјан (суспензија) и Владица Брдаровски (повреда), а младиот Тодоровски не е пријавен. Поради тоа, принуден десен бек ќе биде македонскиот репрезентативен стопер Висар Муслиу.

Јаневски во однос на претходниот меч пред две недели со Зенит во Санкт Петербург направи уште две замени во тимот, па така во централниот дел од средниот ред се враќа Никола Глигоров на местото на Вања Марковиќ, како партнер на Бобан Николов, а Дејан Блажевски ќе биде крило на местото на Џамбул Џигаури.

Сето ова значи дека пред Филип Гачевски во дефанзивниот блок се Муслиу (десно), Бобан Грнчаров и Евгениј Новак како централен стоперски тандем и Бесир Демири како лев бек. Глигоров и Николов ќе играат во средниот ред, Блажевски и Тигран Барсегјан како крила, а Фелипе плејмејкер како поддршка во нападот за најистурениот сонародник Итало.

СОСТАВ: Гачевски – Муслиу, Грнчаров, Новак, Демири – Глигоров, Николов – Фелипе, Блажевски, Барсегјан – Итало.