Јаневски: Не можеме да бидеме задоволни со само еден бод

Тренерот на Вардар, Чедомир Јаневски не беше премногу задоволен по ремито 1-1 со Розенброг во последното 6.коло од Лигата на Европа. 

Тој жали за пропуштените шанси на неговите избраници, кои заслужија три бода на простувањето од европската сцена. 

 

„Би сакал да им честитам на моите фудбалери за извонредната игра, посебно во првите 45 минути. Создававме шанси, дадовме гол, но за жал не успеавме сето тоа по 90 минути да го крунисаме со три бода. Во второто полувреме паднавме малку, што е нормално, иако имавме и одлична шанса преку Новак. Заслуживме три бода, но фудбалот е таков спорт. Честитки на оваа генерација на Вардар за настапот во Европа. Дојдовме до еден бод, но сакавме повеќе. Со еден бод не може да бидеме задоволни, но сепак, така ја завршивме оваа европска одисеја“, изјави Јаневски.

Тренерот на „вардарци“ се надева дека клубот и во иднина ќе продолжи да се натпреварува во групната фаза од европските натпреварувања, бидејќи оваа прва историска сезона беше големо искуство од кое може и мора да се научи многу повеќе. 

„По влегувањето во оваа група кажавме дека немаме такво големо исксутво како нашите противници. Наша цел беше да добиваме искуство на овие натпрпевари и да ни даде патоказ како да се игра во Европа. Треба да имаш добар состав, иако сум задоволен од овој тим. Сепак, три натпревари неделно бара други параметри, како брзина, сила, да може што побрзо да се игра како и квалитет. Игравме на уште два фронта, знаев дека при сите ротирања на сите натпревари ќе губевме во организацискиот дел, каде немавме автоматизам. По европските натпревари не бевме свежи во домашното првенство, сето тоа зема данок. Меѓутоа, овој пласман и настап треба да биде мотив, за сите што вистински го сакаат Вардар. Без разлика со кого. Вардар треба да цели на групните фази, тоа е добро и за фудбалерите, за клубот, за навивачите, за цела Македонија. Со тие три европски натпревари ќе се полни стадионот, а за фудбалерите ќе биде едно искуство“, додаде Јаневски.