Јаневски: Не дојдовме да играме на „нула“, туку да дадеме гол(ови)!

Тренерот на македонскиот шампион Вардар, Чедомир Јаневски истакна денеска на прес-конференцијата пред мечот со руски Зенит во Санкт Петербург, дека црвено-црните без страв и со голема желба да се обидат да стигнат до први бод(ови) во Лига Европа, најавувајќи дека не планира да игра на „нула“.

Зенит е веќе пласиран во пролетниот дел од Лига Европа, но Јаневски не верува дека рускиот тим ќе се опушти против Вардар и дека нема да биде мотивиран за дуел со макеоднскиот тим.

„Не верувам дека Зенит нема да има мотивација. Нема да им дозволи Манчини такво нешто. Зенит е веќе е пласиран, а тоа не смее да не залажува. Кој играч и да игра во Зенит има доволен квалитет и треба да мислиме дека ќе играме со најдобрите 11 на Зенит“, вели Јаневски.

Во пресрет на дуелот, кормиларот на црвено-црните потенцира дека Вардар мора д одигра организирано и не смее да биде организиран само во одбраната, туку и во нападот.

„Мислам нема што да зборуваме за Зенит, знаеме со каков противник ќе играме. Не е Зенит само еден обичен тим, туку еден од најдобрите тимови во групата и во Лига Европа. Знаме дека Зенит дома лесно не губи бодови дома, но ние доаѓаме спремни. Имаме два меча до крајот, а досега не освоивме бодови и сега треба да истрчаме со желба да освоиме бод или три. Овој тим има квалитет, а тоа го покажа и во квалификациите дека може да играме добри мечеви. Мислам дека утре сите фудбалери со голема желба ќе покажат дека и последниот меч со Зенит кој го загубивме не беше мерило за нашиот квалитет. За да направиме добар резултат ни треба добра организација во играта. Се надевам дека после желба мора да покажаме и добра игра. Дојдовме овде да не се затвориме, да не играме на нула, туку да дадеме гол. Ако сакаме добар резултат мора да направиме се да го зачуваме голот колективно, но да мислиме како да дадеме гол. Зенит е поквалитетен, на секоја позиција имаат по два играчи. Ние не се закануваме, туку дојдовме без страв зошто нема што да загубиме, а можеме само да добиеме од овој меч“, рече Јаневски.

Дефанзивецот на Вардар, Евгениј Новак потенцира дека настапот на спектакуларниотстадион „Крестовски“, кој ќе биде домаќин и на СП идното лето е дополнителна мотивација за Вардар да се покаже во најдобро светло.

„Знаеме кој е Зенит, какви ѕвезди има од Кокорин, Ѕуба... Ќе играме на најскапата Арена во Русија, а сето тоа ќе биде празник и чест за нас да играме. Уште една мотивација повеќе утре да одиграме уште подобро“, изјави Новак.