Италија пред баражот со Македонија ќе објави за кое Еуро ќе се кандидира - 2028 или 2032

Актуелниот европски шампион Италија пред мундијалскиот бараж со Македонија закажан за 24 март во Палермо ќе обелодени за кое следно Европско првенство ќе се кандидира за да биде домаќин, во 2028 или за 2032 година, најави првиот човек на федерацијата (ФИГЦ), Габриеле Гарвина.

Во моментов е отворена процедурата за аплицирање со документ за заинтересираност за организација на едно од двете континенални шампионати, но една земја нема да може да поднесува кандидатури за двете првенства, па во моментов на Апенините се евалуира сѐ за кое првенство да се кандидираат.

Гарвина најави дека до 20 март, за кога е закажан Извршниот комитет на УЕФА ќе донесат одлука, а засега поблизу е да се кандидираат за домаќини на Еуро 2028.

„Клучниот чекор ќе биде во март најверојатно за Еуро 2028, а ќе решиме пред Извршниот комитет на УЕФА закажан за 20 март. Процедурата за кандидирање е отворена и за Еуро 2032, па во моментов ги евалуираме сите работи и опции пред да донесеме конечна одлука“, рече Гарвина.

Следното Еуро 2024 ќе се одржи во Германија, а идната година УЕФА ќе ги избере следните два домаќини, првпат во својата историја, да се изберат два домаќини на континенталниот шампионат однапред. Последен пат ФИФА кога бираше вака, за два домаќини однапред, излезе најголемата афера со митото од Катар, кога во 2010 година беа избрани Русија за домаќин на СП 2018 и Катар за претстојното СП 2022.

Италија нема самостојна организација на голем турнир уште од 1990 година кога беше домаќин на Светското првенство, а летоска беше дел од организацијата на Еуро 2020 со Рим како домаќин на отворањето, мечеви од групите и четвртфинале на континенталниот шампионат, кој го освоија „аѕурите“ на завршницата во Лондон.