И да го поминеше Номе Калју, Шкендија ја чекаше уште поголем срам од овој!

Се чини дека луѓето во управата на тетовска Шкендија, не веруваа премногу во успех на нивните фудбалер на денешниов меч со Номе Калју, затоа што администрацијата на македонскиот шампион беше на прагот на уште поголем срам од овој што им се случи на црвено-црните фудбалери.

Во случај да го елиминираа естонскиот претставник во квалификациите за Лигата на шампионите, тетовските фудбалери во наредното коло (24 јули) ќе требаше силите да ги измерат со шкотскиот Селтик, клуб од европските Топ-20. Сите го чекаа тој двомеч, гостувањето на илјадниците навивачи во зелено-бело за две недели од сега ќе беше голем спектакл, но...

Заклучно со денешниот ден, администрацијата на Шкендија не ги имаше пополнето апликациите за британска виза, која мора да се има за да се влезе на Островот. Аматеризмот во размислувањето на луѓето задолжени за ова, ќе предизвикаа уште поголем срам од елиминацијата од Естонците, зашто Шкендија немаше да може да стапне во Шкотска, само поради индолентноста на тие што во клубот се задолжени за ова.

Од извори блиски на тетовци дознаваме дека денеска била вистинска паника во нивните редови, затоа што визите се вадат во Варшава, Полска, до каде што апликациите патуваат минимум 24 часа. За редовно добивање визи, според правилата на британската амбасада, потребни се 14 дена, додека по итна постапка - требаат три работни дена. Тоа што тетовци не го знаеле е фактот дека ниту едно конзуларно одделение на „форин офисот“ не работи во петоците, што значи дека ако утре беа испратени апликациите, тие во главниот град на Полска ќе стигнеа најрано в четврток. Поради неработниот петок, апликациите ќе беа разгледувани и одобрувани дури в понеделник, а во вторник пасошите сосе визите требаше да се пратат назад кон Македонија. Во најдобри услови, Шкендија за мечот во Шкотска, ќе можеше да замине дури на денот на мечот (в среда, 24 јули).

Сето ова ќе значеше невиден срам и пропуст, тука не може ниту УЕФА да помогне и „притисне“, затоа што некој во Тетово бил опуштен во стилот „не мора денеска, утре ќе вадиме визи“. Затоа, можеби е и подобро што Естонците ги шокираа тетовци вечерва, само за да ги симнат од облаци луѓето во и околу фудбалскиот клуб, дека за европски проект, не се доволни само пари, туку дека треба да се размислува европски и многу подалеку „од утре“...