Хрватска со два тима во Лига Европа: Велковски со Риека обезбеди групна фаза!

Хрватска, земјата актуелен светски вицепрвак, потврди дека моментно на бившојугословенските простори е број еден, откако после Динамо и Риека стигна до групна фаза во Лига Европа, откако тимот на репрезентативецот Дарко Велковски победи во Копенхаген со 1-0.

Велковски беше стартер и го одигра целиот меч, а еден урнебесен момент кој заврши со автогол на Анкерсен го реши мечот, за Риека по 2017 година повторно да биде дел од второто по ранг натпреварување во главната групна фаза.

Велковски со ова му се придружи на Аријан Адеми, како претставници на Македонија во групите, кога веќе ниту еден македонски клуб не е ни близу до историскиот подвиг на Вардар од пред три години, а вечерва испаднаа Шарлоа на Ѓоко Зајков (пораз со 1-2 од Лех), Крсте Велковски со Сараево (0-1 од Селтик), како и Бобан Николов и Висар Муслиу, кои со Мол Фехевар загубија со пресврт со 1-3 од белгиски Стандард во Лиеж.

Без пласман во групите ќе е и албанска Тирана на екс-вардараровиот двоец Кристијан Тошевски – Филип Најдовски, кои на средина од вториот дел имаа негатива од 0-3 кај фаворитот Јанг Бојс.