Хаос на повидок: Англија не го пушта Арсенал во Лисабон, Бенфика не сака на неутрален терен

Пандемијата со коронавирус низ светот не стивнува, а откако се појавија мутирани соеви кои се многу позаразни и полесно се шири новиот опасен вирус во Велика Британија, Бразил и Јужна Африка, европскиот фудбал допрва ќе се соочува со нови проблеми, на нецел месец до стартот на елиминациските фази во европските натпреварувања.

 

Според информациите од Англија, лондонски Арсенал нема да добие дозвола да гостува во Лисабон кај Бенфика, иако „топчиите“ побарале специјална дозвола за да го одиграат мечот, но наводно државните власти ќе ги одбијат, а со тоа сега УЕФА ќе мора да најде неутрален терен за да се одигра мечот, иако можно е Бенфика да не прифаќа такво нешто.

Велика Британија, која има сериозни проблеми со ковид-19, без оглед што веќе е започната имунизацијата на населението, веќе забрани влез во земјата на патници од Јужна Америка, Португалија и Зеленортските острови. Поради ова, Арсенал нема да добие дозвола да замине, односно „топчиите“ кога би се спротивставиле, нема да може да се вратат во Лондон.

Стравот на Британците е дека Португалија има многу силна сообраќајна врска со Бразил, а најфудбалската нација во моментов е извор на најзаразниот сој, кој е 75 отсто позаразен од обичниот коронавирус, кој се појавил во март лани, објавуваат здравствените власти нис светот. Британскиот сој на мутација, пак, е 35 отсто позаразен од основната верзија.