Групната фаза во Конференциската лига стана (пре)далечна за македонскиот првак Шкупи, кој наместо со предност на реваншот во плејофот во Приштина ќе оди со негатива од еден гол, откако чаирчани вечерва загубија со 1-2 од косовски Балкани во првиот меч од последната фаза во овие годинешни евроквалификации.

Не беше косовскиот првак толку подобар, ама брутално ги казни чаирчани за лошата реализација на шансите, посебно таа на Реналдо Цепас после десетина минути во вториот дел, кога гостинскиот голман одбрани чист гол по соло акцијата, за Меритон Кореница во 68-та минута да го комплетира пресвртот со убав гол од 16 метри и да ги расплака чаирските навивачи, а Косовците да ги донесе на чекор до историја и прв настап на еден клуб од соседството во групна фаза во европските натпреварувања.

Шкупи кој беше подобар во првиот дел, успеа да поведе преку Сандеј Адетунџи во 19-та минута по центаршут на Фреди Алварез, но само четири минути траеше радоста откако Албион Рахмани израмни по додавање на Арменд Таќи во 23-та, а гостинскиот голман одбрани тешки удари на Алварез и Хамиди, Адетунџи имаше шанса со глава по која биеше сантиметри крај дирекот до крајот на првиот дел.

Во вториот, тргна Шкупи по втор гол, Цепас го имаше зицерот кој не го реализира, па дојде казната и потоа чаирчани тргнаа на сѐ или ништо, со тотална опсада на голот, успеаа да дадат еден, но од офсајд, а Балкани чекаше на контри за да ги загрози и да дојде до поубедлива победа, па Кристијан Наумовски еднаш спасуваше на 20-на минути пред крајот, а чаирчани не најдоа начин како да се спасат од пораз, а Цепас имаше нов зицер во 93-та минута, но од три метри биеше над голот. 

Последнаша шанса ја имаше Пепи Горгиев во мешаницата по која биеше со глава крај голот.

Шкупи сега за една недела ќе брка негатива од еден гол најмалку за продолженија, а ќе му треба победа од два гола за пласман во групите.