Голем проблем за Црна Гора: УЕФА поведе постапка за – расизам!

Црна Гора вчера убедливо загуби од Англија со 1-5 во квалификацискиот меч за пласман на Евро 2020, но триумфот остана во сенка на расистичките навреди и мајмунските крици од трибините на стадионот во Подгорица, поради кои Фудбалскиот сојуз на Црна Гора (ФСЦГ) се најде во голем проблем.

Европската фудбалска унија (УЕФА) денеска поведе дисциплинска постапка против Црногорците за расизам, палење на пиротехника, фрлање предмети на теренот, нереди на трибините и блокирани скалила. За одлуката ќе почекаат до 16 мај, кога УЕФА ќе треба да ја донесе истата, но сооглед дека има голем прекршок за расизам, за кој има „нулта толеранција“, уште сега се најавува жестока казна со затворање на стадионот или затворање на дел од трибините за следните мечеви.

Црногорците демантираа дека имало расистички навреди, за кои обвини Рахим Стерлинг по мечот преку социјалните мрежи, а и селекторот Љубиша Тумбаковиќ изјави дека не слушнал такво нешто. Но, очигледно по пријава на делегатот и најчесто претставници на ФАРЕ на мечевите, сега Црна Гора се соочува со голема казна.