Гол-шоу во Истанбул: Лајпциг во 92. минута го анулира хет-трикот на Кавечи (ВИДЕО)

Фудбалерите на Лајпциг се вратија во игра за пласман во нокаут-фазата во Лигата на шампионите, откако вечерва, во луд меч во Истанбул, го совладаа Башекшехир (4-3) со победнички гол во 92. минута.

Германците двапати имаа водство со два гола разлика (2-0 и 3-1), но дозволија противникот да изедначи на 3-3, пред сѐ поради фантастичната игра на Кавечи, кој постигна хет-трик. Јунак во таборот на Лајпциг беше Серлот во втората минута од судиското продолжение и тоа со прекрасен удар од дваесетина метри. Поулсен и Мукиеле во првото полувреме стрелаа за германскиот тим. Лајпциг сега има девет бодови и со внимание го следи мечот помеѓу Манчестер Јунајтед и ПСЖ, за да види што ќе им треба во последното коло во кое ќе ги пречекаат „ѓаволите“ за да дојдат до едно од првите две места.

Краснодар, пак, го совлада Рен (1-0) и дојде до пол-позиција за пласман на третото место во групата Е, а со тоа и за продолжување во Лига Европа.